Трамп го поканил Додик во САД: „Ако има простор, ќе заминам“

Додик потврдил дека добил покана да присуствува во Вашингтон, но не бил сигурен дали ќе патува

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ФејсТВ

Неформалниот лидер на Република Српска, Милорад Додик бил поканет на Молитвениот појадок организиран од американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон на почетокот на февруари, само три месеци откако беа укинати санкциите под кои беше со години поради сепаратистичките потези во рамките на Босна и Херцеговина.

Во интервју за белградскиот весник „Политика“, Додик потврдил дека добил покана да присуствува на Молитвениот појадок, но не бил сигурен дали ќе патува поради повторените избори што се одржуват во тој момент за претседател на Република Српска. Повторените избори за претседател на Република Српска на 136 избирачки места меѓу кандидатот на неговата партија СНСД Синиша Каран и српската опозиција Бранко Блануша се закажани за 8 февруари, додека посета на Вашингтон е планирана за 7 и 8 февруари.

„Како претседател на партијата, имам обврска да бидам таму, ја организирам структурата за која треба да се гласа. Ќе видиме, ако има простор за заминување, ќе заминам“, рекол Додик. Додал дека го поддржува актуелниот претседател Трамп во двата мандати.

„Тоа не помина незабележано и овозможи релаксација во нашите односи“, укажал Додик.

Американската администрација воведе санкции против Додик во 2017 година поради неговите постапки, кои се сметаа за закана за стабилноста на Босна и Херцеговина и кршење на Дејтонскиот мировен договор. Сепак, на крајот на октомври минатата година, американските власти го отстранија Додик од списокот на санкционирани лица, како и 48 други лица и деловни субјекти поврзани со него.