Трамп го помилува Чарлс Кушнер, татко на неговиот зет

од Nikola Popovski
278 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува Чарлс Кушнер, изведувач на градежни работи и татко на неговиот зет Џеред Кушнер, објави во четвртокот Ројтерс, потсетувајќи на претседателите во заминување кои обично користат право на помилување, традиција која датира од времето на Абрахам Линколн.

Трамп ги помилува и поранешниот менаџер на неговата кампања Пол Манафорт и соработникот Роџер Стоун.

Манафорт беше осуден како дел од специјалната истрага за руското мешање во изборите во САД во 2016 година. Трамп претходно ја промени казната за Стоун, кој беше осуден за лажење под заклетва.

Помилувањата беа објавени откако претседателот Трамп пристигна на Палм Бич, Флорида, каде ќе ги помине Божиќ и Нова година. Со него во претседателскиот авион на Ер форс Еден беше и Џеред Кушнер, сопруг на неговата ќерка Иванка.

Се на се, Трамп помилува 26 лица во средата и ги намали казните за уште три лица.

Чарлс Кушнер беше осуден на две години затвор откако во 2004 година се изјасни за виновен за 18 точки од обвинението за затајување данок, влијание врз сведоци и давање нелегални донации.

Покрај Манафорт и Стоун, Трамп помилува и некои други истакнати личности вклучени во истрагата за мешањето на Русија во изборите во САД, вклучувајќи ги поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин и поранешниот негов советник Џорџ Пападопулос.

Претседателот во заминување го искористи своето уставно право и најави неколку помилувања во последните денови, а се очекува да има уште до крајот на неговиот мандат на 20 јануари.

Поранешниот претседател Бил Клинтон помилува 140 лица на последниот ден од неговиот мандат, вклучувајќи го и неговиот брат Роџер Клинтон.

Слични содржини