Актерот Алек Болдвин се уште е под истрага поради трагедијата за време на снимањето на филмот „Рѓа“, а сега поранешниот американски претседател Доналд Трамп го нарече „луд“ и „нестабилна личност“.
Поранешниот претседател на САД на крајот од своето неодамнешно интервју за „The Daily Wire“ го коментираше Болдвин, кој долго време е негов отворен критичар. Имено, актерот пред неколку години изведе нималку ласкава имитација на Трамп во шоуто „Saturday Night Live“, кое стана вирално.
„Ме имитираше со години, мислев дека е ужасен во тоа, има и други луѓе кои го прават тоа многу подобро“, рече Трамп, по што се надоврза на изјавата на Болдвин дека тој не го повлекол чкрапалото, туку дека пиштолот самиот испукал.
„Тој секогаш е во проблеми. Мислам, тој зема пиштол за кој рече дека не го повлекол чкрапалото, а потоа експертите рекоа дека не е можно тој конкретен пиштол да го направи тоа“, вели поранешниот претседател.
„Тој продолжи да вперува пиштол кон оваа жена и се случило да испука, а таа не беше ни актер, така да не е дека баш била дел од сцената. Дали го направи тоа намерно? Не знам, мислам, вие кажете ми мене“, продолжи тој.
Се вклучила водителката Овенс и истакнала дека Болдвин не е стабилен, со што Трамп се согласил.
„Дефинитивно не, тој дефинитивно не е стабилна личност, тој е всушност луд“, заклучил поранешниот претседател.