
Американскиот претседател Доналд Трамп е на добар пат да ја плати највисоката цена за слабиот одговор на неговата администрација на епидемијата од коронавирусот, во која загинаа повеќе од 25.000 луѓе во најмоќната земја во светот. Неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека повеќе од 56 проценти од Американците се разочарани од постапувањето на шефот на државата за време на кризата.
Со Трамп, од друга страна, се 43 проценти од гласачите, што е најниско во последните шест месеци. Сепак, брзото зголемување на смртните случаи и заразените, како и рекордната невработеност поради затворањето на земјата поради ширењето на вирусот, го направија своето. Дури 16 милиони Американци ги загубија своите работни места во последните три недели, при што невработеноста надминува 14 проценти – највисоко од 1940 година.
Трамп се обиде да се „испере“ преку Твитер за бавната реакција, негирајќи ги наводите дека секретарот за здравство, Алекс Азар го известил за опасноста од коронавирусот уште кон средината на јануари.
– Тие ме критикуваа дека брзо забранував некој од Кина да влезе во земјата. Секретарот Азар дури подоцна ми кажа за заканата, рече Трамп.
Азар го известил Трамп за коронавирусот уште на 18 јануари, а едвај на 31 јануари Трамп решил да забрани патници од Кина да влегуваат во САД, јавуваат светските медиуми.
Велигденскиот викенд беше особено болен за Американците, кои исто така се соочуваат со зголемен недостиг на пари. Низ целата земја, имаше долги редици пред банките за храна, кои им помагаат на сиромашните да ги прехранат своите семејства.