Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова вечерва за „РИА Новости“ изјави дека Москва не исклучува контакти со американски претставници во следните неколку дена, пренесува „Танјуг“.
Таа го изјави ова по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека во наредните денови ќе се постигне целосен прекин на огнот во Украина и дека верува дека ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин оваа недела.
Во изјавата за новинарите, Трамп потврди дека ќе го покани украинскиот претседател Володимир Зеленски повторно да ја посети Белата куќа.
Двајцата лидери се расправаја за време на состанокот во Овалната соба минатиот месец, а Зеленски го напушти Вашингтон без да потпише договор за експлоатација на ретките минерали во Украина, објави „Ројтерс“.
По денешната средба во Џеда со американската делегација, Украина го прифати предлогот на САД за воведување на 30-дневен прекин на огнот, а официјален Вашингтон најави дека ќе стави крај на суспензијата на разузнавачката и безбедносната помош за Украина, соопштија официјални лица од двете земји.
Во него се наведува дека САД „веднаш ќе ја укинат суспензијата за споделување разузнавачки информации и ќе ја обноват безбедносната помош за Украина“, објави „Си-Ен-Ен“ претходно денеска.