Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека секоја земја што ќе се согласи со политиките на БРИКС што се спротивни на интересите на САД ќе се соочи со дополнителни царини од 10 проценти.
„Секоја земја што ќе се усогласи со антиамериканските политики на БРИКС ќе плати ДОПОЛНИТЕЛНИ царинИ од 10 проценти. Нема да има исклучоци“, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social во неделата.
Изјавата на Трамп доаѓа откако членовите на БРИКС ги критикуваа неговите царински политики и предложија реформи за Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и начинот на кој се одредува вредноста на клучните светски валути.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, вчера изјави дека царините што ги објави претседателот Доналд Трамп во април ќе стапат на сила на 1 август за сите земји што дотогаш нема да постигнат договор со неговата администрација.
БРИКС се шири
Трамп со години е гласен критичар на сојузот БРИКС, кој беше основан за да го зајакне меѓународното влијание на своите членови и да обезбеди противтежа на САД и Западна Европа.
Минатата година, бројот на членови на БРИКС се зголеми – покрај Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка, на алијансата ѝ се придружија Египет, Етиопија, Индонезија, Иран, Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.
Лидерите на БРИКС, кои се собраа овој викенд на состанок во Рио де Жанеиро, Бразил, повикаа на реформа на глобалните институции и го претставија сојузот како платформа за дипломатија во време на зголемени трговски конфликти и геополитички тензии.