
„Нема место за омраза во нашата земја“, рече претседателот Доналд Трамп по убиството на 29 лица во масовни престрелки во Ел Пасо, Тексас и Дејтона, Охајо во текот на викендот, објави „Асошиејтед Прес“.
„Ние ќе се погрижиме за овој проблем“, рече претседателот пред новинарите во Мористаун, Њу Џерси.
Тој додаде дека разговарал со јавниот правобранител, директорот на ФБИ и членовите на Конгресот и ќе даде изјава денес. Знамињата во Соединетите држави денеска ќе се спуштат на половина во сеќавање на жртвите од масакрите, соопшти АП.
Трамп рече дека има проблем со ментална болест во Соединетите држави и дека напаѓачите „навистина се многу ментално болни“.
Проблемот со пукањето трае со години, така што „мора да го запреме“, продолжи тој.
И додека земјата не може да се опорави од двете крвопролевања за помалку од еден ден, претседателот ги помина првите часови по трагедиите подалеку од вниманието на јавноста, во неговиот имот во Њу Џерси, испраќајќи твитови за поддршка на жртвите, наизменично со напади на неговите политички противници, забележува Асошиејтед Прес.
Американците не го видоа својот претседател веднаш по пукањата во Ел Пасо и Дејтона. Едвај доцна попладне вчера Трамп и првата дама се појавија пред новинарите пред да летаат за Вашингтон.
Поврзувајќи го крвопролевањето со омразата и менталното заболување, Трамп не спомна ништо за законите за оружје, фактор што редовно го посочуваат функционерите на Демократската партија. Тој не одговори на прашањата за антиимигрантскиот јазик што го користел напаѓачот во Ел Пасо, кој во голема мерка потсетува на неговата сопствена изјава, соопшти АП.