Судскиот процес против поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп започна пред Сенатот, а според тврдењата на тамошните медиуми, тој не бил задоволен од тоа како се справиле неговите адвокати.
За потсетување, Сенатот со мнозинство гласови одлучи дека постапката е уставна и дека треба да се одржи целосен судски процес во горниот дом на американскиот конгрес за да се отповика Трамп под обвинение за поттикнување на немирите на 6 јануари на Капитол Хил, во кои пет лица ги загубија своите животи.
Според Си-Ен-Ен, повикувајќи се на два извори блиски до тој табор, Трамп не бил задоволен од воведниот говор на неговиот адвокат Брус Кастор.
Според американската ТВ мрежа, Трамп „скоро започнал да вреска“, додека Кастор се обидувал да ја објасни сржта на аргументот на одбраната дека се поставува прашањето колку е уставно судење, бидејќи обвинетиот повеќе не ја извршува функцијата претседател на Соединетите држави. Неименуван извор на овој медиум смета дека овој ден поминал како што се очекувало, бидејќи неговиот правен тим бил формиран пред нешто повеќе од една недела.
Откако Кастор ја завршил својата презентација, зборот го доби вториот бранител на Трамп, Дејвид Шоун, кој според експертите го подобрил впечатокот за одбрана на поранешниот прв човек на САД. Тој ја обвинил Демократската партија дека користи импичмент како политички „крвав спорт“ за да го спречи Трамп повторно да се кандидира за претседател на САД, како и да се обидува да ги „раздели“ неговите гласачи.
Според Си-Ен-Ен, дури и некои републикански сенатори не биле импресионирани од одбраната.
Републиканскиот сенатор од Тексас, Џон Корнин, кој првично гласалдека судењето на Трамп е неуставно, немал пофални зборови за перформансите на Кастор.
– Мислам дека првиот адвокат на Трамп само зборуваше глупости и не го објасни доволно прашањето за уставноста на постапката. Конечно, другиот адвокат го стори тоа и мислам дека тој ја заврши својата работа ефикасно. Видов многу адвокати и мислам дека овој перформанс не беше еден од најдобрите што сум ги видел – рече Корнин.