Трамп обвинува: Русија ни ја украде технологијата за хиперсонични ракети

од Марта Пешевска
15 прегледи

Американскиот претседател Доналд Трамп повторно упати обвинувања кон Русија, тврдејќи дека ѝ ја украла на САД технологијата за хиперсонични ракети – супербрзи проектили што можат да достигнат брзина од над 11.000 километри на час. Во говорот пред американските војници на церемонијата по повод дипломирањето во воената академија Вест Поинт, Трамп изјави дека токму САД го дизајнирале првиот концепт на хиперсонична ракета, но дека бил украден за време на администрацијата на Барак Обама.

„Осум кадети тука денес прифатија предизвик да дизајнираат сопствена хиперсонична ракета. Можеме да ви помогнеме да ја изградите веднаш. Знаете, нашата беше украдена. Ние ја дизајниравме. За време на Обама, Русите ни ја украдоа. Нешто лошо се случи“, изјави Трамп.

Ова не е првпат Трамп да ја обвини Русија за кражба на напредна воена технологија. Во интервју за „Фокс њуз“ во јануари истата година, тој рече дека „Русија ги украде плановите од нас“. Иако обвинувањата звучат сериозно, Трамп досега не приложи никакви докази кои би ја потврдиле наводната кражба на технологијата. Од другата страна, Русија тврди дека успешно има развиено и веќе користено хиперсонично оружје. Сепак, американскиот Пентагон и дел од експертите се скептични околу вистинската природа на тие ракети.

Во ноември минатата година, Украина беше погодена од ненуклеарна интерконтинентална балистичка ракета – проектили со дострел поголем од 5.500 километри. Таквите ракети летаат по балистичка траекторија, односно првин се искачуваат високо, често и надвор од атмосферата, а потоа паѓаат кон целта со голема брзина.

Според некои извештаи, можно е да станува збор за руска ракета од типот RS-26 „Рубеж“, иако нејзиниот развој официјално беше прекинат во 2018 година. Исто така, според експертите, ракетата најверојатно немала нуклеарна глава, па дури можеби и воопшто немала борбен товар.

Рускиот претседател Владимир Путин неодамна изјави дека Русија располага со ново хиперсонично балистичко оружје. Во телевизиско обраќање, тој рече дека руската армија тестирала ракета со среден дострел во хиперсонична, но ненуклеарна конфигурација. „Нашите ракетни инженери ја нарекоа ‘оревокршачка’“, рече Путин, додавајќи дека ракетата достигнува брзина од 10 маха, односно од 11.000 до 12.000 километри на час.

Хиперсоничните брзини се значајни бидејќи го намалуваат времето за реакција на противничките системи за одбрана – колку побрза е ракетата, толку е потешко да се пресретне. „Би бил изненаден ако Русија може да развие ваква ракета без да користи барем 90% од постоечки дизајни и делови, можеби од RS-26 или друга слична ракета“, изјави тогаш Фабијан Хофман, експерт за оружје од Универзитетот во Осло.

Путин додаде: „Нема постоечки систем во светот што може да пресретне таква ракета. Ни американските противракетни системи во Европа не можат да ја запрат“.

Останува отворено прашањето – дали Русија навистина ги поседува овие способности и дали тие потекнуваат од сопствен развој или од наводна шпионажа?

Слични содржини