Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја критикуваше администрацијата на актуелниот претседател Џозеф Бајден во врска со кризата во Украина, велејќи дека сè што се случува во моментов не би се случило за време на неговата администрација, бидејќи тој „добро го познава рускиот претседател Владимир Путин“.
„Го познавам Владимир Путин многу добро и тој никогаш не би го направил тоа што го прави сега за време на администрацијата на Бајден. Воопшто не!“, се вели во изјавата на неговиот политички комитет „Save America“.
Трамп го обвини претседателот Бајден дека дозволил Русија да се збогати благодарение на поскапувањето на бензинот, пишува лондонскиот дневен весник „The Independent“.
„Слабите санкции се незначителни во однос на преземањето на земјиштето и огромното парче стратешки лоцирано земјиште. Сега цените на нафтата се повисоки и повисоки, а Путин не само што го добива она што отсекогаш го сакал, туку и станува се побогат и побогат поради растот на цените на нафтата и гасот“, рече Трамп.
Тој додаде дека сите во Вашингтон се опседнати со тоа како да ја заштитат украинската граница.
„Сепак, најважната граница во светот не е границата на Украина, туку американската граница“, им порача Трамп на собраните во Конро и рече дека првата должност на секој американски претседател е да ги брани американските граници.
„Она што се случува со Русија и Украина никогаш немаше да се случи под администрацијата на Трамп“, заклучи поранешниот американски претседател Трамп.