Барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сојузниците во НАТО да потрошат 5% на годишно ниво од својот бруто домашен производ (БДП) за одбрана, ги потресе европските метрополи на почетокот на годинава. Пред неколку дена, во седиштето на НАТО во Брисел, министерот за одбрана Владо Мисајловски присуствуваше и се обрати на состанокот на Северноатлантскиот совет на Алијансата на кој присуствуваа министрите за одбрана на сите 32 сојузници. На состанокот министерот за одбрана се осврна на повеќе теми при што ја потврди намерата на нашата земја за континуирано вложување на 2 проценти од бруто-домашниот производ во одбраната што ја позиционираше нашата земја меѓу две третини од сојузничките земји кои ја имаат исполнето оваа заеднички донесена одлука во НАТО. Од друга страна, ден потоа, во интервју за „360 степени“, Мисајловски истакна дека идејата што ја промовираат САД земјите членки на НАТО да издвојуваат најмалку 5 отсто од националниот БДП за одбрана е многу тешко достижна цел за Македонија. Сепак, не отфрла дека со добри политики и заштеди земјава ќе може да го зголеми буџетот за одбраната.
Дали државата ќе успее да се позиционира со 5% од БДП да се издвојуваат за одбраната и од што зависи тој процент, „Локално“ поразговара со Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи. Смета дека издвојувањето толкав процент за одбрана би било огромен товар.
-Моментално, државата троши околу 2,22% од БДП за одбраната, што веќе е солидно за една мала економија како нашата. Ако се зголеми на 5%, тоа значи дека ќе мора да се скратат средства од други важни области – здравство, образование, инфраструктура. Трамп може да бара што сака, но дали е тоа изводливо за сите членки на НАТО? Поголемите економии можеби можат да го поднесат тоа, но за помали земји како Македонија, тоа би значело или огромен раст на јавниот долг или зголемување на даноците – што не е баш одржливо, оценува Трајкоски.
Покрај тоа, додава тој, Македонија е дел од НАТО, што значи дека безбедноста не зависи само од нашиот воен буџет, туку од колективната одбрана. Прашањето е, според Трајкоски, дали овие пари се навистина неопходни за заштита, или ова е само дел од новиот политички и воен притисок? На крајот на денот, државата ќе мора да балансира помеѓу безбедносните приоритети и економската стабилност. Не е само прашање дали можеме да дадеме 5% – туку дали тоа е најпаметната инвестиција за иднината на земјата.
Запрашан дали Македонија може да ја гарантира својата безбедност од надворешни фактори со издвојување толку многу средства од БДП на земјата, соговорникот вели дека Македонија не може ниту треба да ја гради својата безбедност само преку трошење огромни средства на војска.

Пецо Трајкоски
-Безбедноста не зависи само од бројки во буџетот – зависи од сојузништвата, стратегијата и паметното користење на ресурсите. Како членка на НАТО, Македонија веќе има колективна одбранбена заштита. Дали тоа значи дека сме 100% безбедни? Не. Но, тоа значи дека не мора сами да се носиме со надворешни закани, што ни овозможува да се фокусираме на други критични аспекти, како економска стабилност, разузнавачка соработка и зајакнување на кибер-безбедноста. Ако утре одлучиме да издвојуваме 5% од БДП за одбрана, што ќе жртвуваме? Помалку инвестиции во образование, здравство, инфраструктура. А стабилна економија и силни институции се исто толку важни за безбедноста како и тенковите и авионите. Реалноста е дека денешните конфликти не се само класични војни – кибер-напади, економски санкции, политичка дестабилизација се исто толку опасни. Наместо само да зголемуваме воени трошоци, Македонија треба да инвестира во модерни механизми на заштита, да гради силни партнерства и да ја одржува економијата стабилна. Тоа е долгорочната стратегија што гарантира безбедност, а не само повеќе оружје, тврди аналитичарот за безбедносна политика.
„Без дополнителни инвестиции, одвраќањето на Русија е загрозено во следните пет години“, вели генералниот секретар на НАТО, Марк Руте. Според Трајкоски, ваквото прашање значи – дали навистина ни требаат сите овие воени трошоци, или пак, некој во позадина профитира од стравот и неизвесноста?
-Реално гледано, Русија претставува безбедносен предизвик, особено по инвазијата на Украина. НАТО не може да си дозволи да ја игнорира таа закана, затоа што воената моќ на Русија не само што не се намали, туку и се адаптираше. Москва продолжува со воена мобилизација и огромни трошоци за одбрана, што ги принудува западните земји да инвестираат повеќе во своите армии.
Но, тука влегува и другиот аспект – бизнисот. Огромните нарачки за оружје, муниција и воена опрема главно завршуваат кај неколку големи компании. Колку повеќе тензија има, толку повеќе профитира воено-индустрискиот комплекс. Дали тие активно лобираат за зголемување на трошоците? Апсолутно. Дали тоа значи дека безбедносната закана е измислена? Не, но таа често се преувеличува за да се оправдаат овие огромни инвестиции.
На крајот, НАТО и европските земји веројатно ќе мора да ги зголемат своите воени буџети, но вистинското прашање е – каде е границата помеѓу разумната одбрана и неконтролираната трка во вооружување, прашува соговорникот.
Околу најавите дека САД може да се повлечат од НАТО, како што се заканува Трамп, доколку не се исполнат неговите услови, Трајкоски се сомнева во таква одлука на американскиот претседател. Вели дека теоретски, да – САД можат да излезат од НАТО, но во пракса, тоа би било огромен геополитички шок, со последици не само за Европа, туку и за самата Америка.
-НАТО е инструмент на американското глобално влијание. Повлекувањето би значело губење на стратешката контрола врз Европа, што не оди во прилог на американските интереси. Дури и ако Трамп го турка ова сценарио, ќе наиде на жесток отпор од Конгресот, Пентагон и американските сојузници. И веќе сме виделе ваква реторика од него порано – барањето на 5% од БДП за одбрана е дел од тактиката на притисок. Но, реалноста е дека поголем дел од НАТО земјите веќе ги зголемуваат своите буџети, што значи дека, на крајот, Трамп може да добие дел од она што го сака без да ја повлече Америка од Алијансата. Значи, иако ваквите закани создаваат несигурност, целосно повлекување на САД од НАТО не изгледа како веројатно сценарио. Повеќе личи на агресивна преговарачка тактика отколку на вистинска стратегија, оценува експертот.
Според неговите зборови, ако САД навистина се повлечат од НАТО, Европа ќе мора да се соочи со реалноста дека повеќе не може да се потпира на американскиот нуклеарен чадор и воена поддршка. Што би значело тоа во пракса? Прво, тврди Трајкоски, европските земји ќе мора значително да ги зголемат своите одбранбени буџети.
-Франција и Германија веќе зборуваат за поголема стратешка автономија, но тоа не е нешто што може да се случи преку ноќ. Европа нема заедничка воена структура што може да го замени НАТО, ниту пак има единствена политика за одбрана. Без американската воена моќ, балансот во Европа би можел да се промени. Русија би добила повеќе простор за влијание, особено во источниот дел на континентот. Балтичките држави и Полска веќе се загрижени за тоа сценарио и затоа се меѓу земјите кои најмногу инвестираат во одбраната. Трето, безбедносните гаранции што НАТО ги обезбедува би можеле да се заменат со нови регионални сојузи, можеби предводени од Франција (која има нуклеарно оружје) или преку засилена европска одбранбена иницијатива. Но, тоа би значело години на транзиција и огромни инвестиции. На крајот, Европа без американската воена поддршка би била многу понестабилна и принудена да се одлучи – или да создаде сопствена силна одбрана, или да се адаптира на нова геополитичка реалност во која ќе биде ранлива на притисоци од поголемите сили, анализира Трајкоски.
Пред три дена, и американскиот министер за одбрана Пит Хегсет повторно побара зголемување на воените буџети на земјите членки на НАТО и порача дека Вашингтон нема да дозволи „чичко Сем да стане чичко Наивен“. На прес-конференцијата во Брисел, на крајот од состанокот на министрите за одбрана на земјите од НАТО, тој рече дека Европа мора да биде одговорна за својата одбрана и предупреди да не ја третира Америка како „наивна“, пренесува Ројтерс. „Не правете грешка, претседателот Трамп нема да дозволи некој да го претвори чичко Сем во чичко наивен“, рече Хегсет. Слична изјава имаше и генсекот на НАТО, Марк Руте кој истакна дека членките на Алијансата ќе треба да ги зголемат трошоците за одбрана „значително повеќе од 3 проценти од БДП“.
Европските земји ги зголемија буџетите за одбрана по сеопфатната инвазија на Русија на Украина во 2022 година. Многу лидери рекоа дека зголемените трошоци мора да продолжат како одговор на растечката воена закана од Москва. Но, спроведувањето на овие планови е тешка задача. Многу влади веќе се соочуваат со затегнати јавни финансии, преоптоварени пензиски системи, преоптоварени јавни услуги и незадоволни гласачи со различни приоритети. Политичката нестабилност дополнително ја усложнува ситуацијата.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, изјави дека 23-те членки на ЕУ кои се дел од НАТО најверојатно ќе се согласат на зголемување на целта за одбранбени трошоци над сегашните 2 проценти од БДП на претстојниот самит на Алијансата во јуни, објави Ројтерс.
Н.П.