Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша декрет за отпочнување на проектот за изградба на ѕид на границата меѓу САД и Мексико.

Само пет дена по инаугурацијата новиот републикански претседател го потпиша и вториот указ за построго спроведување на имиграциските закони во САД. Тој предвидува да се ограничи пристапот до федерални средства за “градовите кои земаат илегални имигранти”. Изградбата на овој ѕид не е само ветување од предизборната кампања, тоа е првата фаза во правилна насока, за да се обезбеди навистина границата, која сега е проодна, изјави портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер. Аргументирајќи ја одлуката на Трамп тој истакна дека “нација без граници не е нација”. “Од денес па натаму САД преземат повторно контролата на своите граници”, рече тој на церемонијата во Министерството за внатрешна безбедност. “Имиграциските закони ќе бидат применувани строго”, додаде Трамп. / АФП