Доналд Трамп го опиша пукањето, што се случи оваа недела во основно училиште во Тексас, како „дивјачко и варварско злосторство“, но тој ги критикуваше оние кои повикаа на построги закони за оружје.
Поранешниот американски претседател беше гостин говорник во Хјустон, на конвенцијата на Националната стрелачка асоцијација, група за поддршка за правото на носење оружје.
Конвенцијата се одржа само неколку дена откако 19 деца и двајца учители беа застрелани во основно училиште во градот Увалде, Тексас.
Нападот на училиштето се случи 10 дена по пукањето во Бафало, Њујорк, во кое беа убиени 10 лица – двете трагедии беа последни во долгата серија масовни убиства што ја интензивираа дебатата за законите за оружје.
„Ужасното убиство на 19 невини деца и двајца возрасни учители, со многу тешко повредени, беше дивјачко и варварско злосторство што ја шокира совеста на секој Американец, толку ужасно“, рече Трамп.
Потоа повика на „краток момент на молк“ пред да ја прочита листата на жртви од Увалде, пишува Sky News.
Сепак, како и многу други говорници на конвенцијата, Трамп одби да види каква било поврзаност меѓу нивната смрт и леснотијата со која 18-годишниот Салвадор Рамос можеше да пристапи до полуавтоматската пушка со која го изврши грозоморниот масакр.
Тој ја критикуваше „сега познатата парада на цинични политичари кои се обидуваат да ги искористат солзите на расплаканите семејства за да ја зголемат нивната моќ и да ни ги одземат уставните права“ и „гротескниот напор на некои во нашето општество да го искористат страдањето на другите за да ги унапредат своите екстремни политички агенди“.
– Кога Џо Бајден го обвини лобито за оружје, тој зборуваше за Американци како вас. Оваа реторика предизвикува големи поделби и е опасна и што е најважно, е погрешна и нема место во нашата политика“, рече Трамп.
Тој исто така рече дека треба да биде полесно да се затворат „насилните и ментално растроените“ луѓе во институциите, иако Рамос нема криминално досие или историја на ментална болест.
Трамп повика и на укинување на училишните зони без оружје, велејќи дека жртвите останале без начин да се одбранат.
– Како што вели старата поговорка, единствениот начин да се запре лошо момче со пиштол е добро момче со пиштол. Постоењето на злото е една од најдобрите причини да се вооружат граѓаните кои го почитуваат законот – заклучи тој.