Претседателот на САД, Доналд Трамп признал дека ќе сноси „одредена одговорност“ за минатонеделниот упад во Конгресот, рече републиканскиот конгресмен Кевин Меккарти во разговорот со партиските колеги во понеделникот, потврдиле две лица запознаени со содржината на состанокот.
Меккарти, кој самиот го обвинува Трамп за насилството, споделил детали од телефонскиот разговор со Трамп за време на двочасовниот виртуелен состанок со републиканците, од кои многумина имаат различни ставови за упадот во Конгресот, изјавија извори за британската новинска агенција Ројтерс.
Илјадници приврзаници на Трамп упаднаа во Конгресот во средата, принудувајќи ги на бегство, пратениците кои се собраа на заедничката седница на двата дома на Конгресот да ја потврдат победата на поранешниот американски потпретседател Џо Бајден на претседателските избори во САД.
Нападот резултираше со пет загубени животи.
Насилството избувна откако Трамп ги покани приврзаниците да дојдат на митинг пред Конгресот, на кој тој ги повтори недокажаните тврдења дека му е украдена победата на претседателските избори во САД.
Тој ја нарече толпата „многу исклучителни“ луѓе
Трамп првично ги отфрли барањата за осуда на нападот, повторувајќи ги неговите неиздржани тези за изборни измами и нарекувајќи ја толпата што упадна во Конгресот како „многу исклучителни“ луѓе.
Еден ден подоцна, тој го опиша насилството како „одвратен напад“ и вети дека ќе обезбеди непречен трансфер на власта, иако не го призна изборниот пораз.
Во понеделникот, на барање на градските власти во Вашингтон, го одобри прогласувањето вонредна состојба во Вашингтон до 24 јануари, откако властите предупредија на безбедносни ризици и закани по инаугурацијата на Бајден, соопшти Белата куќа.
„Јас му објаснив на претседателот. Тој е одговорен за своите зборови и постапки“, им рече Мекарти на републиканците во понеделникот, според еден извор.
“„ас лично го прашав денес дали тој е одговорен за она што се случи и дали се чувствува лошо за тоа што се случи. Тој ми рече дека носи одредена одговорност за она што се случило“.
Мекарти додава дека го замолил Трамп да го повика Бајден. „Лично, ве молам јавете му се на Џо Бајден. За доброто на оваа нација“.