Трамп сам во Белата куќа: Меланија не се сели во Вашингтон

од Vladimir Zorba
94 прегледи

Меланија Трамп, сопруга на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, нема да се пресели во Вашингтон за време на вториот мандат на нејзиниот сопруг, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на повеќе извори.

Според соговорниците на американската ТВ мрежа, во тек се дискусии за тоа како и каде точно ќе го поминува времето за време на вториот мандат на Трамп.

Идната прва дама на Соединетите Американски Држави се очекува во следните четири години поголемиот дел од своето време да го поминува меѓу Њујорк и Палм Бич, Флорида.

Изворите велат дека Меланија Трамп ќе продолжи да биде присутна на големите настани, дека ќе има своја платформа и приоритети како прва дама.

За време на неговиот прв претседателски мандат, Доналд Трамп ги поминуваше зимските викенди во неговата резиденција Мар-а-Лаго на Флорида и лета во голф-клуб во Бедминстер, Њу Џерси.

„Се очекува така да продолжи“, наведува Си-Ен-Ен.

Изворите исто така рекоа дека Меланија Трамп се населила и стекнала пријатели на Флорида во изминатите четири години и најверојатно ќе продолжи да поминува многу време таму.

По изборите во 2016 година, Трамп го одложи нејзиното преселување во Вашингтон и таа пристигна во Белата куќа неколку месеци по инаугурацијата бидејќи синот Барон, тогаш 10, ја завршуваше учебната година.

Барон Трамп, кој сега има 18 години, студира на Универзитетот во Њујорк.

Изворите сугерираат дека првата дама исто така ќе помине многу време во „Трамп кулата“ во Њујорк за да биде поблиску до својот син, додава Си-Ен-Ен.

Слични содржини