Трамп се пофалил дека „му ја спасил главата“ на саудискиот престолонаследник

од Vladimir Zorba
221 прегледи

Доналд Трамп се пофалил дека му ја „спасил главата“ на престолонаследникот на Саудиска Арабија, Мохамед бен Салман, кого американскиот Конгрес го обвинува за убиство на саудискиот новинар Џамал Кашоги, според извадоците од интервјуто дадено на американскиот претседател за Боб Вудворд.

„Му ја спасив главата“, му рекол милјардерот на Вудвард на 22 јануари, кој во вторникот ја објави својата нова книга „Бес“.

„Успеав да го натерам Конгресот да го остават на мира. Успеав да ги запрам“, додава тој, објави денеска „Бизнис Инсајдер“.

Џамал Кашоги, соработник на „Вашингтон пост“ и критичар на режимот на Саудиска Арабија, беше убиен во октомври 2018 година во конзулатот на неговата земја во Истанбул, каде што дошол по документ. Неговото тело, исечено на парчиња, никогаш не е пронајдено.

Атентатот ја втурна саудиската монархија во тешка дипломатска криза и го наруши угледот на принцот со прекар „МБС“ кого турските и американските власти го обвинуваат дека е негов нарачател.

Американските сенатори, дури и во републиканскиот табор на претседателот, официјално го прогласија принцот за „одговорен“ за атентатот. Но, Доналд Трамп секогаш му даваше поддршка.

Кога Боб Вудвард го праша за атентатот, американскиот претседател првично сакаше да отстапи од темата. „Да, но Иран убива 36 луѓе дневно …“, рече тој, според извадоците објавени денеска.

Под притисок на неговиот соговорник, тој на крајот инсистирал на тоа дека „МБС“ ги негира сите обвиненија.

„Тој секогаш велеше дека не го сторил тоа. Искрено сум среќен што тој го рече тоа, тој никогаш не рече дека го сторил тоа“, рече Трамп.

„Дали верувате дека го сторил тоа?“, повторно праша новинарот.

„Не, тој вели не“, одговори Доналд Трамп.

„Знам, но дали навистина му верувате?

„Тој решително рече дека не го сторил тоа“, заклучи претседателот Трамп, а потоа повтори дека Саудиска Арабија потрошила милијарди долари за купување американски производи, за да ја оправда важноста за одржување на врска со тој сојузник.

Слични содржини