Трамп со лажни докази за „геноцид врз белите земјоделци“ ја нападна Јужна Африка

од Марта Пешевска
42 прегледи

Во жестока расправија со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, одржана во Овалната соба во среда, американскиот претседател Доналд Трамп прикажа фотографии и видеа кои, според него, го докажуваат „геноцидот врз белите земјоделци“ во Јужна Африка. Но, според истрагата на ABC News, снимките што ги користел се погрешно интерпретирани и извадени од контекст.

Едно од видеата што Трамп го прикажал покажува поле со стотици бели крстови. Тој изјавил: „Секое од тие бели нешта што ги гледаш е крст. Има околу илјада од нив. Сите овие се бели земјоделци, членови на нивните семејства… Сите овие луѓе беа убиени“.

Сепак, вистината е поинаква. Снимката е направена на протест одржан на 5 септември 2020 година во близина на Нормандија, Јужна Африка, организиран по убиството на двајца земјоделци – Глен и Вида Раферти. Крстовите биле поставени од волонтери како симболичен споменик, а не како вистински гробови.

Ова го потврди и Јужноафриканскиот институт за расни односи. Портпаролот на Институтот, Херман Преториус, изјави дека „крстовите беа дел од протестната поворка и беа поставени привремено, а подоцна беа отстранети“. Според снимките од Google Street View од мај 2023 година, тие веќе не постојат. Трамп дури прикажал и фотографија од блог која, како што тврдел, е од Јужна Африка – но подоцна било откриено дека е направена во Демократска Република Конго.

На видеото кое Трамп го презентирал се гледа и комунистички политичар како изведува песна против апартхејдот со спорен текст кој повикува на насилство. Рамафоса категорично ги отфрли обвинувањата за „бел геноцид“, велејќи дека тие се лажни и опасни.

„Во нашата земја има криминал. За жал, луѓе се убиваат поради криминални активности, но не се само белци. Повеќето од убиените се црнци“, изјави Рамафоса во Белата куќа. И министерот за земјоделство на Јужна Африка додаде дека повеќето политички партии активно се борат против екстремистички ставови и групи.

Во февруари 2024 година, јужноафрикански суд пресуди дека тврдењата за геноцид врз белите се неосновани, нарекувајќи ги „нереални и измислени“. Иако судот призна дека насилството врз земјоделците е реален проблем, тој истакна дека нема докази дека нападите се расно мотивирани.

Јужна Африка се соочува со сериозна стапка на насилство – според податоците од 2023 година, регистрирани се 45 убиства на 100.000 жители, една од највисоките стапки во светот. Но, експертите велат дека жртвите се од сите раси, а не само белци, како што сугерираат одредени политички кругови.

Овој настан повторно ја отвори дебатата за злоупотреба на информации и манипулации со чувствителни теми како што се криминалот, расата и историјата на апартхејдот во Јужна Африка.