Трамп става „рампа“ за јапонски „Nippon Steel“: Не дозволува да го преземе „U.S. Steel“

од Vladimir Zorba
28 прегледи

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повтори дека ќе го спречи јапонскиот „Nippon Steel“ да го преземе „U.S. Steel“ и вети дека ќе го блокира договорот меѓу двете компании наскоро откако ќе се врати во Белата куќа следниот месец.

„Јас сум целосно против некогашниот голем и моќен „U.S. Steel“ да биде купен од странска компанија, во овој случај „Nippon Steel“ од Јапонија“, напиша Трамп на својата платформа.

Тој додаде дека „U.S. Steel“ наскоро „ќе биде повторно голем“ со помош на воведувањето на серија даночни олеснувања и тарифи, нагласувајќи дека по преземањето на функцијата претседател, ќе спречи договор за преземање во вредност од над 14 милијарди долари, договорен од двете челични компании, пренесува агенцијата Kyodo.

Јапонскиот премиер Шигеру Ишиба во писмо испратено на 20 ноември побара од претседателот на Соединетите Американски Држави во заминување Џозеф Бајден да го одобри договорот меѓу „Nippon Steel“ и „U.S. Steel“, односно предлогот за купување на американска компанија за челик, објави претходно Ројтерс, повикувајќи се на два информирани извори.

„Со почит бараме од американската влада да ја одобри планираната аквизиција од „Nippon Steel“ за да не бидат засенети достигнувањата што ги постигнавте во изминатите четири години“, се наведува во писмото.

За време на кампањата, Бајден беше против купувањето и испрати предлог за преземање до Комитетот за странски инвестиции во САД (CFIUS), кој ги разгледува безбедносните ризици од оваа инвестиција. Комитетот би можел да го одобри купувањето со дополнителни мерки кои ќе ги решат грижите за националната безбедност, ќе го прошират разгледувањето на прашањето или ќе му препорачаат на Бајден да го блокира договорот.

Новоизбраниот претседател на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп ја презема функцијата на 20 јануари, а на кампањата вети дека ќе спречи договор за преземање меѓу двата гиганти.

Слични содржини