Трансформа: Трансродовите луѓе во Македонија се соочуваат со насилство предизвикано од говор на омраза

од Nikola Popovski
362 прегледи

Според последниот извештај од проектот за Мониторинг на убиства на транс луѓе (ТММ – Trans Murder Monitoring), од октомври 2022 до септември 2023 се убиени најмалку 320 трансродови луѓе и луѓе со небинарени родови идентитети, соопштија од ТрансФормА – Иницијатива за правата на трансродовите лица во Северна Македонија, по повод меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите и родово различни луѓе чии животи биле одземени поради насилство предизвикано од трансфобија и говор на омраза.

94% од убиените се транс-жени и транс женствени лица, 48% од жртвите чија професија е позната биле сексуални работници/чки, 80% се лица засегнати од расизам, додека 45% од жртвите во Европа чија миграциска историја е позната биле мигранти или бегалци.

Најголем број убиени трансродови и родово различни луѓе се млади на возраст од 19 до 25 години.

-Од 2008 година до денес, според ТММ, насилно се одземени животите на најмалку 4689 трансродови и родово различни луѓе. Според ТММ, оваа бројка не ги вклучива сите убиства на трансродови луѓе во светот, одреден број жртви се непријавени и не документирани.

Сите овие податоци укажуваат на загрижувачки тренд кога станувa збор за интерсекционалноста на мизогинија, расизам, ксенофобија и високиот степен на омраза кон сексуалните работнички, како испреплетени фактори кои ги хранат трансфобијата и анти-транс насилството, укажуваат од Трансформа.

Наведуваат дека во земјава, трансродовите луѓе се соочуваат со насилство предизвикано од говор на омраза, кој во изминатите години е засилен како резултат на анти-транс пропагандата на анти-родовите групи.

-Повикуваме институциите доследно да постапуваат и да го санкционираат говорот на омраза согласност законот. Меѓународниот ден на сеќавање на трансродовите луѓе, прв пат бил одбележан во 1999 година, во спомен на Рита Хестер, но и како револт од понижувачкото известување за нејзиното убиство во медиумите. Денот се одбележува со читање на имињата на убиените за да се одржи споменот на мртвите и се поттикне борба за живите. Ова е причината поради која повикуваме на давање простор и заслување на транс-гласовите, како и посветување на конкретни активности и да ги потенцирате ресурсите и перспективите и да работите за унапредување на транс-правата. Денес, луѓето и организациите ширум светот се мобилизираат за да му се спротивстават на транс-насилството со кое се соочуваме.

Овој ден се сеќаваме на нашата Лора Фер, која го посвети својот живот на борбата за правата и подобрување на животот на транс лицата и сексуалните работници, која храбро се спротиставуваше на дискриминацијата на маргинализираните луѓе.

Лора не е повеќе со нас, но споменот за неа продолжува да живее и инспирира, порачаа од Трансформа.

Слични содржини