Трансформативниот потенцијал на универзалниот приход

од Vladimir Zorba
533 прегледи

Кога во 1858 член на индијанското племе Сијукси го посетил Бостон, бил шокиран од ефектите на модерното индустријализирано општество врз идејата за човечка заедница. За Сијуксите, чија традиција налагала поделба на последната чинија храна со соседот, контрастот на истовремен луксуз и мизерија во урбаната метропола бил незамислив. Ние знаеме добро што значи да се биде сиромашен, но никогаш не сме дозволиле сиромашните да го изгубат достоинството и самопочитта, ламентирал Сијуксот.

Да можел со временска машина да допатува век и пол подоцна во денешницата, Сијуксот веројатно би се шлогирал од нивото на нееднаквост. Денес, за секој милионер има илјадници сиромашни, без можност да се потпрат на некогашните мрежи за поддршка, и да добијат средства со кои би обезбедиле минимум достоинство. Напротив, индустријалната ера длабоко го всади социјалниот дарвинизам во умовите на луѓето: ако си слаб ја заслужуваш сиромаштијата, ако си силен заслужуваш да бидеш милионер.

Како човечки битија сме склони кон симплификација, особено како што светот станува се покомплексен. Оттаму доаѓаат и теориите на заговор, како резултат на се поголемата оддалеченост од заедницата и немањето контрола над носењето одлуки во неа. Меѓутоа постои барем една симплификација која не е теорија на заговор. Таа може да биде нуклеарно оружје во борбата против нееднаквоста и стожер на личното достоинство. Оваа симплификација се однесува на функцијата на социјалната држава, изразена преку идејата за универзален приход.

Во минатонеделната колумна пишував за тоа како добивањето на редовна фиксна сума од државата би значело конечно ослободување од доминацијата на работодавците над вработените и крај за „клати врата земај плата“ професиите. Со реорганизацијата на сите комплицирани шеми на социјална помош во безусловен месечен приход не само што се дебирократизира системот, туку и секој поединец добива преговарачка моќ за сопствените работни услови, автономија во носењето одлуки и време со кое може да располага како што сака.

Ова е суштината на моралниот аргумент за воведување универзален приход. Но моралот во денешно време е второстепен во однос на практичните придобивки. За политичарите да ја имплементираат оваа мерка, најпрвин е потребно народот да ги разбере нејзините пошироки трансформативни импликации и активно да притиска за ваква мерка.

Иако две колумни на темата не се ни приближно доволни за таа цел, во интерес на симплификацијата да се задржиме на прашањето: што со времето кое ќе го добиеме на располагање? За почеток, поретко ќе патуваме до работното место и назад. Помалку одење на работа значи редуцирана потрошувачка на енергија во производствениот процес, што ќе значи помала експлоатација на природни ресурси.

Без егзистенцијалниот притисок, ќе можеме да стекнеме нови, општествено корисни вештини, како градинарство или механичка поправка. Ова особено важи за вработените во загадувачките индустрии, кои ќе имаат избор да го напуштат нивното работно место и доволно време да се преедуцираат, со цел да одговорат на потребите на неизбежната зелена транзиција.

Основата на практичниот аргумент за УП е одржливост. Сите горенаведени придобивки се есенцијални во услови на глобална еколошка и климатска криза. Свежи се сеќавањата на почетокот на пандемијата, кога имаше огромно намалување на загадувањето и регенерација на биодиверзитетот како резултат на локдауните. Ова е само илустрација за ефектите од намалената работна активност поради воведувањето на универзален приход.

Со ваков развој на настаните, органското и локално производство на храна би ја презело улогата на глобалните синџири. Поквалитетната исхрана, во комбинација со повеќе време за спортување, помалку стрес и помало загадување, значително ќе ги намали здравствените проблеми. Конзумеризмот ќе претрпи тежок удар, бидејќи ќе биде прекинат кругот на што побрза заработувачка и уште побрзо купување на непотребна роба. Во овој контекст, намалувањето на стигмата на сиромаштијата би значело и помалку компулсивно конзумирање со цел докажување на сопствениот статус пред останатите.

Универзалниот приход е катализатор на нова филозофија во која бесконечен раст повеќе не е примарна цел на економијата. Основниот принцип на идејата за “де-раст” (degrowth) е дека БДП не е вистински индикатор за просперитетот на една држава, туку нивото на среќа на нејзините граѓани. Дека среќата со пари не се купува можеби е клише, но дека има повеќе фактори за среќата на страна од материјалното богатство е научно докажано.

Како заокружување на овој аргумент, повеќе време исто така значи и поголема можност за влијание на политичките процеси. Паралелно со сите процеси опишани погоре, граѓаните ќе можат да се посветат повеќе на сопственото учество во колективна делиберација и заедничко носење политики, наместо добивање наредби одозгора и последователни теории на заговор во врска со мотивацијата позади тие наредби. Сето ова дополнително ќе ја заврза еволуцијата на свеста, која ќе генерира информирано, еманципирано и цивилизирано граѓанство.

Oва е клучот за враќањето на емпатијата и блискоста, кои сега толку очајно ни недостасуваат, како што пред толку години забележал Сијуксот во Бостон. Универзалниот приход е колосален чекор кон усовршена демократија, која сама по себе без дилеми би гарантирала уште поголема благосостојба, како и секогаш во историјата кога се случувал трансфер на моќ од малкуте кон многуте.

Во оваа насока, вреди да се потсетиме на можеби најгенијалната идеја на Џон Лок: приватен посед на природните богатства може да постои единствено заедно со стопроцентно оданочување на нивната вредност. Со тоа, би бил конечно ставен крај на паразитската пракса на наплаќање рента на сите останати од страна на поседниците, како еден од најголемите извори на нееднаквоста денес. Најпосле, зарем природата не им припаѓа на сите подеднакво?

Деонтолошкиот пристап на Лок дава одговор на прашањето од каде би бил финансиран универзалниот приход, за оние загрижени за фискалната стабилност. На едно повисоко ниво, тој претставува конечно обединување на деонтолошкиот и утилитаријанскиот аргумент за воведување на оваа мерка. А на највисокото ниво на апстракција, УП е пат до враќање на хармонијата меѓу човекот и природата, но и меѓу човекот и – човекот.

Проф. Иво Босилков

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини