Пратеникот и лидер на Демократски сојуз, Павле Трајанов информира дека денеска поднел до Собранието предлог-Закон за борба против тешки облици на организиран криминал и висока корупција.
Според него, тоа е закон чија имплементација ќе значи искоренување на корупцијата во земјава и имплементација на европските вредности.
-Криминалот и корупцијата разорно дејствуваат и многу се раширени. Затоа предлагам да се формира независна Агенција надвор од политичката и партиската моќ, која што ќе биде отпорна на секакви влијанија. Предлагам агенција во која што ќе бидат вклучени врвни професионалци што ќе работат на откривање на тешка форма на криминал. Исто така би работеле на откривање на скриениот имот на носители на државни позиции, кој го стекнале на криминален начин, рече Трајанов од Собранието.
Пратеникот предлага директорот на новоформираната Агенција да го бира управен одбор, составен од универзитетски професори, претставници на невладиниот сектор, новинари, претставници од опозицијата и власта, како и јавен обвинител, но и претставник на Антикорупциската комисија.
Тој посочува првиот избор да го спроведе Комисијата за избор и именување при Собранието, но одлуките да ги носи со две-третини.
-Ќе има класични полициски овластувања, како што го има ФБИ. Ќе работи штом ги собере доказите и ќе поднесува кривична пријава. За првпат се предлага независна институција која нема да води војна против криминалот на селективен начин, туку навистина ќе работи таму каде што има криминал. Еве конкретен пример: Агенцијата треба оперативно да следи истрага на сите јавни набавки. Јавно ги повикувам сите пратеници и партии да се придружат како предлагачи на овој законски проект. Со отворање на војна против криминалот и корупцијата ќе зачекориме кон европските вредности, кажа Трајанов.