Трајанов засега не планира коалиција со ВМРО-ДПМНЕ: „Како и другите, се подготвуваме за следните избори“

од Nikola Popovski
471 прегледи

Лидерот на Демократски сојуз и пратеник во Собранието, Павле Трајанов информира за „Локално“ дека го поддржува Законот за ратификација на Договорот за ФРОНТЕКС, но поради партиски обврски не присуствувал во Собранието за време на гласањето.

-Јас гласав дури бев таму. После тоа почнаа седницата на Централниот одбор на ДС и веројатно затоа. Дури и претходно кога беше расправата гласав „за“. Сум за Договорот за ФРОНТЕКС, но веројатно затоа што имаше повеќе точки и гласање за некои..таму и не ти се знае кој за што ти гласа. Јас сум за, но веројатно во моментот не бев присутен поради други обврски во партијата. Интегрално го поддржувам Договорот и нема никакви други причини, ни рече Трајанов во изјава.

Од синоќа ДС е во опозиција откако го напушти владиното мнозинство. На прашањето дали партијата планира понатамошна соработка и коалиција со ВМРО-ДПМНЕ за следните избори, Трајанов ни кажа дека во моментов не се размислува за такво нешто.

-Ние сме самостојна политичка партија и сега не коалицираме со никого. Ќе се подготвуваме за следните парламентарни избори, тоа е нашиот став како ДС. Засега немаме разговарано на темата за евентуална коалиција со никого. Главно е дека како и сите други партии ќе се подготвуваме за следните избори, кога и да бидат, рече лидерот на ДС.

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го коментираше напуштањето на Владата од страна на партијата на Трајанов. Според него, нема никакво нарушување на силината и стабилноста на владиното мнозинство.

-Ме радува тоа што ДС кажа дека останува на европскиот пат и поддршката на такви одлуки. Досега не можеше да се види во пракса освен декларативно, бидејќи видовме и вчера дека пратеникот на ДС не го гласаше Договорот за Фронтекс. Ќе има можност во иднина своите декларации да ги покаже во пракса. Се надевам дека како искусен политичарот господинот Трајанов нема да се доведе во ситуација да стане заложник на Апасиев како Мицкоски, рече Ковачевски.

ДС вчера соопшти нема да ја поддржи реконструкцијата на Владата и дека го напушта парламентарното мнозинство.

Според партијата, причината е неисполнувањето на програмските цели зацртани и договорени со владеачката СДСМ пред изборите во 2020 година.

Н.П.

Слични содржини