Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од панел дискусијата „Справувањето со дискриминацијата како двигател за развој” која беше дел од годишната конференција на Обединетите нации за 2023 година „Слобода, еднаквост и правда за сите”. Конференцијата има за цел да промовира дијалог со цел да се изнајдат подобри начини за справување со дискриминацијата, погрешните информации, дезинформациите, лажните вести и говорот на омраза помеѓу претставници од Собранието, Владата, институциите за човекови права, академската заедница, медиумски работници, граѓанското општество, ОН и партнерите кои ѝ даваат поддршка на земјата кон нејзиниот забрзан напредок кон Целите за одржлив развој и пристапувањето кон Европската Унија.
Тренчевска во своето обраќање зборуваше за одговорностите на Министерството за труд и социјална политика и за неговите надлежности истакнувајќи дека еднаквоста, недискриминацијата и социјалната правда се приоритет. Таа посочи дека во време кога развиена е вештачката интелегенција и во време кога е во подем технолошкиот развој, општеството сеуште нема доволно капацитет да живее во духот на толеранцијата и прифаќањето.
„Како министерство кое е одговорно за подобар квалитет на живот и добросостојба на граѓаните го донесовме Законот за спречување и заштита од дискриминација, сепак законската рамка е она кое што го одредува текот на општествениот развој или подобро кажано насоката по која ќе се развива општествената свест. Во овој закон се забранува секаква дискриминација во делот на работата и работните односи, затоа што секој еден кој е граѓанин на нашата држава има право да биде економски независен и да креира живот кој што е по негова мерка. Забрана за дискриминација во образованието, науката и спортот, социјалната заштита, домувањето, јавното информирање и медиумите, пристапот до добра и услуги ” рече Тренчевска.
Таа истакна дека главните решенија на предизвикот со дискриминацијата е подигање на свеста и негување на култура на почитување уште од најрана возраст.
„Сепак според мене клучното решение е работа со децата уште од најрана возраст односно промената на начинот на воспитување. И тука не мислам на промена на нашите традиционални вредности, ниту воспитување кое пркоси на семејните вредности, туку воспитување кое носи прифаќање, поддршка и еднаквост”, истакна Тренчевска.