Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска реагираше на велигденското послание на владиката Петар. Според неа, жената не бара повеќе права, туку бара исти права и исти можности како и мажите.
Тренчевска упати остра реакција и му порача на владиката Петар дека „не е време за инквизиција“.
-Ама Владико тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51% од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, Владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството, објави Тренчевска на социјалните мрежи.
Владиката во својот контроверзен говор жестоко го нападна феминизмот и порача дека родовата еднаквост е изопачена.
Според него, пред појавата на феминизмот, жените биле домаќинки, а сега се еманципирани, но се се почесто разведени.
-На нашето општество молскавично му се заканува уште поопасна, попогубна и поотровна идеологија – родовата еднаквост! Оваа идеологија, односно манипулативна терминологија е богохулна, противприродна, изопачена, Господ ги создаде машко и женско и се друго изменето, поинакво и поразлично од божјото создание е ненормално, а со тоа и неприфатливо, рече митрополитот во велигденското послание.
Митрополитот додаде дека барањето права без должности е нихилизам, а дека тоа, како што вели, го расипува и изопачува светот кој, пак, ја губи својата рамнотежа и хармонија. Токму таков, потенцира митрополитот Петар, е современиот свет во кој семејството е поделено и дисфункционално, а човекот е сè поизгубен.