Тренчевска го демантира Велковски: Секаде каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а средствата се враќаат

од Nikola Popovski
295 прегледи

„Набрзо деновиве ќе ги имаме конкретните записници по овие констатирани податоци“ вака заврши непотребната и лажна прес-конференција на техничкиот министер Велковски за информации кои не се плод на неговата работа. Повторно министерот без да има конкретни информации со завршени записници, факти и докази излегува во јавност и се користи со лажни обвиненија, кои инаку се дел од информациите на тековно работење на министерството, стои во демантот на дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска откако министерот Ѓоко Велковски обвини дека имало 2252 исплаќања на сметките на корисници на социјална помош кои по сила на закон не треба да ја примаат.

Во демантот испратен до „Локално“, Тренчевска додава дека во јануари потпишан е меморандум за соработка со Министерството за внатрешни работи за размена на податоци за поседување на моторно возило во реално време.

-Ваквиот меморандум кој стапи на сила од февруари е мерка за превенција од злоупотреба на системот за социјална заштита. Конкретно Велковски се служи со информации кои се дел од транспарентните одлуки на Тренчевска. Тука не се работи за непостапување на службениците од социјална заштита туку за замајување на јавноста со нерелевантни податоци и засенување на видливите резултати од одлуките донесени од страна на СДСМ, се додава во реакцијата.

Пред потпишувањето на меморандумот, порачува Тренчевска, податоците со МВР беа разменувани на месечно ниво со доставување на барање за проверка на информациите.

-Според Законот за социјална заштита секогаш кога ќе се утврди бесправна исплата на правата од социјална заштита лицата ги враќаат средствата. Истата пракса ќе се спроведи ако министерот најде било какви неправилности за исплата на гарантирана минимална помош и социјална пензија. До денес во секој случај каде е утврдено дека корисникот дал лажни информации за поседување на имот, правото од социјална заштита се укинува, а корисникот го враќа добиениот паричен надоместок, истакнува дополнителната заменик-министерка.

Во демантот стои и дека „изминатите 50 денови министерот Велковски со јавноста не сподели ниту еден релевантен статистички податок, ниту еден факт и ниту една теза до денес не ја одбрани со аргумент“.

-Вакви се кадрите на ДПМНЕ, без решенија и без конкретни знаења, се вели во соопштението.

Претходно Велковски на прес-конференција соопшти дека манипулацијата е системска, а во неа најверојатно биле вклучени повеќе лица.

-Над 2200 граѓани примиле гарантирана минимална помош и социјална пензија и пријавиле дека не поседуваат возило, а според евиденцијата на МВР, се сопственици на такво превозно средство. Во моментов е само дека имаат возило, а тоа е еден од условите, односно да не се сопственици на моторни возила. Додека се најдат и други недостатоци во самите досиеја, ќе бидете информирани. По одредени сознанија од инспекциите, ситуацијата може да е и повеќе од една година. Месечната штета е околу 18 милиони денари, соопшти Велковски на прес-конференција.

Вели дека во некои од градовите каде е детектирана злоупотреба, бројката на корисници надминува сто, како Битола – 166, Гостивар – 164, Куманово – 235, Прилеп – 229, Скопје – 714, Карпош – 125, Кисела вода – 155, Чаир – 151, Шуто Оризари – 121, Тетово – 150.

По добиените извештаи од инспекциите, додаде тој, ќе се обратат до сите надлежни институции за лоцирање на одговорноста и преземање на мерки.

Слични содржини