Тренчевска го прашува Дурмиши дали ќе прифати зголемување на минималецот на 500 евра

Основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари, а во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари - кажа Тренчевска

од Nikola Popovski
20 прегледи

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања, упати две прашања до министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, кои се однесуваа на постојаното поскапување на цените, лошиот животен стандард на граѓаните, како и одбивањето на власта да ги покачи платите, во време кога трошоците за живот растат.

„Дали планирате да донесете мерки за намалување на цените на прехранбените производи и дали ќе ги прифатите предлозите на пратеничката група на СДСМ за зголемување на минималната плата на 500 евра и укинување на ДДВ за прехранбени производи“, рече таа на денешната седница за пратенички прашања.

Тренчевска додаде дека Македонија има инфлација меѓу највисоките во Европа.

-Просечната инфлација во ЕУ изнесува 2.1%, а кај нас во август годинава е двојно повеќе, 4.4%. Само прехранбените производи се поскапи за 6,7%, а дури за 11% во август се поскапени зеленчукот и овошјето. Цените на сите производи одат само нагоре.

Минималната синдикална кошница, откако сте на власт, секој месец урива нови рекорди. Во јуни 2024 година, минималната синдикална кошничка беше 60.325 денари, а во август минатата година надмина 61.199 денари. Денес, таа достигна 65.507 денари.

Тоа значи дека во периодот откако оваа влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ е на власт, основните трошоци за живот се зголемени за околу 4.300 денари. Во исто време, минималната плата е зголемена за само 1.800 денари. Ова е директен удар врз стандардот на граѓаните и работниците, истакна пратеничката од собраниската говорница.