Тренчевска: Извадена од контекст е изјавата дека 25.000 денари се доволни за двајца пензионери

од Vladimir Zorba
679 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска во летното издание на „Клик Плус“ на ТВ21 истакна дека изјавата во еден медиум за тоа дека 25.000 денари се доволни за двајца пензионери е извадена од контекст.

„Таа изјава е извадена од контекст. Разговорот беше дека 50.000 денари е потрошувачката кошница. Јас реков да, таа е 50.000 денари за четирчлено семејство, значи 25.000 денари за двајца пензионери не е доволно, а уште помалку кога живее само еден пензионер со 12.500 денари. Без да се провери што имам кажано, следуваа лавина коментари. Јас никогаш нема да кажам дека 25.000 денари се доволни да живеат двајца пензионери“, кажа Тренчевска.

Во однос на протестите на пензионерите, кои бараат линеарно покачување на пензиите, Тренчевска е децидна дека кога се носела оваа методологија за покачување на пензиите, пензионерите не биле против.

„Во март минатата година кога ја носевме новата методологија и кога ги правевме законите за инвалидско осигурување, ниту еден не пензионер не беше против. Сите пензионери ја поддржаа одлуката. Порастот на пензиите го следи покачувањето на трошоците на живот, ја следи инфлацијата, а ја следи и порастот на просечната плата. Дури и во моменти кога ќе немаме толкава инфлација како што е сега, верувам дека ќе се намали и до крајот на годината ќе дојде до едноцифрена бројка, тогаш пензиите ќе растат повторно, затоа што просечната плата постојано расте“, вели министерката.

Слични содржини