Тренчевска: Kако очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни за „зголемени плати“, кога минималецот реално вреди колку што вредеа 18 илјади денари пред три години?

„Власта ги остави граѓаните сами, упорно бега од покачување на минималната плата на 500 евра“, тврди пратеничката Тренчевска

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, на денешната седница побара од министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, да објасни зошто Владата употно одбива да ја покачи минималната плата барем на 500 евра, во услови на растечки трошоци, кога синдикалната потрошувачка кошница се зголемила за повеќе од 4.500 денари во последните 15 месеци. Таа побара појаснување што се темели и на најавеното покачување од околу 2.000 денари во март 2026 година, со кое минималната плата во Македонија останува најниска.

-Во реалниот живот, надвор од буџетските презентации кои ги слушаме деновиве од претставниците на Владата, инфлацијата не е апстрактна бројка, туку тоа е сметка во маркет, сметка за струја, за вода. Индексот на трошоците на живот во октомври 2025 е за 4,5% повисок во однос на истиот месец лани. Кај храната и безалкохолните пијалаци инфлацијата изнесува 7%. Тоа значи дека инфлацијата систематски го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на месецот. Но, наместо да барате начин како да го затворите овој јаз, вие излеговте со изјава дека „проценките покажале оти со минимална плата од 500 евра може да се очекува инфлација од 8 до 9 проценти“. Со други зборови, според вашата логика, проблем не е тоа што граѓаните веќе плаќаат поскапени (повисоки) сметки, туку тоа што ако конечно добијат 500 евра минимална плата – тие ќе бидат виновни за нов бран инфлација.

Истовремено, синдикалната потрошувачка кошница се движеше нагоре како лифт кој ретко се симнува. Кога дојдовте на власт, во јули 2024 година синдикалната минимална кошници изнесуваше 60.570,00 денари, во септември годинава, истата изнесува 65.077 денари. Граѓаните 15 месеци гледаа како кошницата се качува за 4.507 денари, а Владата им предлага да почекаат уште до март 2026-та за, можеби, 2.000 денари повеќе, истакна Тренчевска.

Во оваа слика, додава пратеничката, минималната плата од 24.379 денари нето изгледа како бројка од друг свет. Кога ќе се пресмета односот меѓу минималната плата и синдикалната кошница, добиваме апсурдна формула: за да преживее едно семејство, денес му се потребни 2,66 минимални плати. Значи, не е доволно ниту двајца да работат за минималец – сепак недостига една „третина од платата“ за трошоците во семејниот буџет да бидат порамнети со 0.

Дополнително, според неа, економските аналитичари укажуваат дека поради инфлацијата денешните 24.379 денари реално вредат колку околу 18.000 денари пред три години.

-Моето прво прашање до вас е, во услови на инфлација која постојано ги зголемува трошоците на живот, кога за една синдикална потрошувачка кошница се потребни 2,66 минимални плати, зошто Владата систематски бега од темата за минималната плата и во Буџетот за 2026 година не нуди јасен, временски прецизен план како и кога работниците ќе стигнат – па и ќе го надминат – прагот од 500 евра? И како очекувате граѓаните да веруваат во ПР приказни (наративи) за „зголемени плати“, кога нивната минимална плата реално вреди колку што вредеа 18.000 денари од пред три години?

Второто мое прашање за надоврзува на првото. Долги месеци од страна на Владата слушавме сè, од најави за буџетската дисциплина до големи најави за нови инвеститори, само не и јасен став за минималната плата. Тема која ја отвораа синдикатите, експертите и опозицијата, но не и вие како ресорен министер.

Сега, во момент кога во јавноста отворено кружат идеи за реконструкција на Владата, одеднаш се појавувате со најава дека во март 2026 минималната плата ќе се зголеми за околу 2.000 денари. Таа бројка звучи како лесен политички слоган, односно доволно голема за наслов на некои медиуми, но недоволно објаснета за да биде веродостојна.

Во меѓувреме, Сојузот на синдикатите на Македонија веќе најави дека нивното барање за 500 евра минимална плата е застарено и дека ќе бараат износ над 500 евра, токму затоа што – парафразирам – „сите земји од регионот нè поминаа и со минимална и со просечна плата“. Додека кај соседите растот на минималната плата се брои во евра, кај нас уште се калкулира дали плус 1.500 или плус 2.000 денари ќе биде доволно за смирување на незадоволството.

Моето второ прашање до вас е, кога долги месеци избегнувавте да понудите јасен став за минималната плата, а сега во момент на најави за реконструкција на Владата одеднаш излегувате со бројка од плус 2.000 денари, на што точно е заснована оваа најава? Дали станува збор за бројка произлезена од реален и транспарентен социјален дијалог во функционален Економско-социјален совет или пак на примена на законската формула од 2022 година која ја врзува минималната плата со инфлацијата и просечната плата, праша пратеничката на денешната седница за пратенички прашања.