Во изминатите две години имаме унапредување на правата на работниците и унапреден социјален дијалог и едно од земјите сме каде што функционира социјалниот дијалог, изјави денеска министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.
Според неа, крајна намера е правата и социјалниот дијалог и понатаму да се унапредува, за да се обезбедат пристојни плати за секој вработен, како и подобар квалитет на живот и социјална заштита.
-Се радувам на иницијативата на ССМ заедно со професорите Поповски и Тевдовски во изработката на една нова методологија за синдикална минимална кошничка и ќе претставува основа за идните политики. Оваа методологија ќе ни помогне да ги анализираме вистинските потреби на семејствата, олеснувајќи го формулирањето на политики кои што промовираат економски раст и ќе ја намалат сиромаштијата, кажа министерката на конференцијата за презентација на новата методологија на Синдикалната минимална кошница.
Тренчевска вети дека како Министерство и како Државен инспекторат за труд ќе излезат на терен и ќе бидат санкционирани сите оние работодавачи кои не ја исполнуваат законската регулатива и не ги почитуваат работничките права, особено законскиот износ за исплата на минималната плата.