Решението што го понуди Владата за 10 проценти поголеми плати за воспитувачите и за негувателите, вклучително и за образованието за наставниците, значи просечно 2.500 денари зголемена плата за воспитувачите и 2.000 денари зголемена плата за негувателите, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска појаснувајжи дека Владата понудила добар процент на зголемување на платите за вработените во образованието и во детските градинки и дека СОНК требало да ја прифати понудата, а наставниците, професорите, негувателите и воспитувачите да се вратат во интерес на децата, нивното згрижување и образование.
Според неа одбивањето на понудата, е уцена и грижа на Синдикатот за сопствените интереси, а не за интересите на децата.
–Ако го земеме процентот на зголемување на платите од крајот на 2019 кој изнесува 21 отсто и овие 10 отсто, тоа се 31 отсто зголемување на платите на воспитно згрижувачкиот кадар во детските градинки што сметам дека е добар процент на зголемување на платите особено имајќи предвид денес со економската криза, ценовните кризи, ковид кризата, рече Тренчевска.
Ваквиот предлог, додаде таа требаше да биде прифатен од СОНК, да се вратат наставниците, професорите, воспитувачите и негувателите на работа, да започне за учениците наставата, за малите деца од претшколско образование, згрижувањето и воспитувањето на децата во детските градинки.
– Навистина неприфаќањето на таквото решение не претставува ништо друго туку уцена, грижа за личните интереси на СОНК, а не за интересите на децата и на учениците, рече Тренчевска во одговор на новинарско прашање по посета на Дом за стари лица во Струмица.
Во врска со тоа кои мерки можат да бидат преземени таа вели дека останува можноста да се најдат заменски воспитувачи и негуватели во градинките.
– Во оние општини каде што имаме затворени објекти, каде што има поголем број воспитувачи и негуватели коишто штрајкуваат општините – градоначалниците треба да си ги обезбедат заменските воспитувачи и негуватели за да можат родителите да се вратат на работа, а децата да се згрижат во градинките, рече министерката за труд и социјална политика Тренчевска.