Работната група функционира во континуитет и одржуваат средби на кои што се разговара за првичните мерки за пензионерите, особено за тие со најниски примања. Утре повторно е закажана средба и очекувам да имаме конкретни предлози, вели министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пред големиот протест на пензионерите кој е најавен за задутре, 20 септември.
Министерката истакнува дека сите институции дебатираат по реалната состојба на државата и во Работната група се споделуваат податоци кои што се потребни за да се пристапи кон креирање на социјални мерки за пензионерите.
Тренчевска очекува до крајот на месец септември да има конректни предлози кои што ќе бидат претставени пред пензионерите.
Одлуката за формирање на работната група беше донесена минатиот месец по состанокот на Тренчевска со Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија, кој следуваше по протестот на пензионери во Скопје, на кои тие ги изнесоа своите барања, меѓу кои, линеарно зголемување од 3.500 денари на сите пензии, како и продолжување на усогласување на износот согласно новата методологија воспоставена минатата година, како и одредување на минималната пензија во износ 80 отсто од минималната плата.