Тренчевска по повод 1.мај: Невработеноста ја симнавме на 15.7%, нема плата пониска од 18.000 денари (ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
666 прегледи

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска со видео обраќање го честиташе 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.

„За Владата и Министерството за труд и социјална политика, унапредувањето на работничките права остануваат високо на агендата на приоритетни цели.

Ветивме зголемување на минималната плата и денес, и денес нема плата пониска од 18.000 денари.

Нашата посветеност на работничките права ја потврдуваме со започнатиот социјален дијалог, за изготвување на општ колективен договор, за сите вработени во јавниот сектор.

Работиме на решението кое ќе е системско и солидарно за сите. Линеарно покачување од 2806 денари, за сите вработени во јавниот сектор. Во рамката за преговори, за новиот Општ колективен договор, е враќањето на регресот за годишен одмор, за целиот јавен сектор во 2023 година. Како и нова методологија за пресметка на платите, со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои ќе бидат утврдени и која ќе се преслика во гранските колективни договори, што значи постојан раст на платите во јавниот сектор.

Во финална фаза на подготовка е и новиот Закон за работни односи, кој ќе одговори на потребите на едно современо општество, а до крајот на оваа година очекуваме да биде усвоен од страна на Собранието.

Недела- ден на неделен одмор е наша реалност. Ова законско решение овозможи баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот на работникот. Повеќе време за семејството, за блиските, за пријателите. А за оние работници кои се ангажирани во дејностите кои заради техничко-технолошкиот процес, не смеат да бидат прекинати, најмалку 50% повисока дневница за работа во недела и слободен ден кој ќе можат да го искористат во наредните седум дена. Додека пак, за вработените во трговијата двојно повисока дневница, односно дневница зголемена за 100% . Затоа што трудот на работникот мора да се почитува и вреднува.

Во континуитет работиме на намалување на невработеноста која успеавме да ја симнеме на 15.7%.

Преку Оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година, обезбедуваме опфат на 14.685 невработени лица. Посебен акцент се стави на младите невработени лица до 29 години, долгорочно невработени, како и на корисниците на Гарантирана минимална помош.

Го зголемивме опфатот за најбараната мерка-самовработување за 2000 лица. Преку обуки, доквалификација, преквалификација, практиканство ја зголемуваме конкурентноста на невработените лица на пазарот на труд. А не застанавме ниту со проектот Гаранција за млади како земја лидер во регионот, која прва го имплементираше, а не е членка на ЕУ“, вели Тренчевска.

Слични содржини