Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денес се сретна со извршната директорка на UNFPA, Диен Кеита. На средбата се разговараше за прашањето за родовата еднаквост со особен акцент на анти-родовите движења кои се особено актуелни во регионот во изминатиот период.
Тренчевска зборуваше за целта на Регионална конференција „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки” која се одржа во Република Северна Македонија. Таа посочи на чекорите кои во иднина треба да бидат преземени во насока на поголема родова еднаквост и повеќе можности на жените во сите општествени сфери.
На средбата беше истакнато дека токму сега кога има поголема циркулација на анти-родовите движења потребно е да се зборува гласно за родово базираното насилство. Да се охрабруваат жените и девојките на поголема економска независност и да се поттикнуваат на поголемо општествено учество.
На крајот од средбата беа истакнати намерите за продолжување на соработката во истиот интегритет како досега.