Тренчевска: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да помислат на луѓето и да поддржат минимална плата од 450 евра

од Nikola Popovski
36 прегледи

СДСМ го поднесе Законот за зголемување на минималната плата во Собранието. Партијата предвидува минималната плата да се зголеми на 27.700 денари, односно 450 евра. Според пратеничката Јованка Тренчевска, ова не е само бројка, туку чекор кон подобра иднина за секој работник, за секој кој се бори да обезбеди подобри услови за своето семејство.

Тренчевска жали, што како што вели, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не ги слуша потребите на народот.

-ВМРО-ДПМНЕ веќе бланко го одбива нашиот предлог, но ние велиме – ова не е време за партиски интереси. Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ треба да го преиспитаат својот став и да помислат на луѓето кои секојдневно се борат за подобар живот. Ова е првиот чекор кон покачување на сите плати и подобрување на стандардот на сите граѓани, кажа Тренчевска на прес-конференција и ги повика сите пратеници да ги поддржат во нивните напори.

Од ССМ ги прашуваат СДСМ зошто додека биле на власт не го покачиле минималецот.

-За да бидете поразлични од ССМ, зошто не 600 евра, туку 450 евра? Бидејќи кога Синдикатот побара додека бевте на власт, велевте дека е невозможно! Борбата продолжува, напиша на социјалните мрежи претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

ВМРО-ДПМНЕ уште вчера го одби предлогот на пратениците на опозицијата. Велат, Владата заедно со синдикатите подготвува системско решение за раст на платите.

Минималната плата во земјава изнесува околу 370 евра. Пред почетокот на изборната кампања за двојните избори, ССМ излезе со барање таа да се зголеми на 450 евра.

Слични содржини