Mинистерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ја посети градинката „Брешиа“ во Дебар која беше пречекана од страна на директорката, Ајрие Дачи. За време на посетата министерката проследи кратка претстава одиграна од страна на децата во градинката. Градинката моментално вкупно во сите нејзини објекти има вклучено 399 деца во процесот на воспитание и образование.
„Владата дава висок приоритет на предизвиците во општините за да можеме со општинските власти да го подобриме квалитетот на живот на граѓаните на локално ниво. До крајот на мандатот на оваа Влада ќе ја доградиме градинката која ја започнавме со цел зголемување на капацитетите во предучилишното воспитание“, рече Тренчевска.
Министерката се осврна на зголемувањето на минималната плата и потсети на покачувањето на платата во градинките и воспитувачите од изминатиот период.
За време на посетата беше направен увид и на доградбата која е во тек, а ја финансира Министерството за труд и социјална политика. Доградбата ќе ги зголеми капацитетите на градинката за 62 деца. Предвидени се четири занимални од кои две ќе бидат јаслени. Предвидени се и тоалети за лица со посебни потреби согласно правилниците за работа.
Тренчевска ги посети и просториите кои се изградени со помош од Еразмус програмите. Таму беше презентирана работата во просториите кои се практикуваат Монтесори методите и сензорната соба која децата ја користат бесплатно.