Министерката за труд и социјала политика, Јованка Тренчевска во текот на денешната посета на Пробиштип, заедно со градоначалникот Драган Анастасов оствари средба со пензионерите од оваа општина, во Клубот на пензионери. На средбата се разговараше за прашања кои директно влијаат на квалитетот на нивниот живот.
Последните измени во Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и со кои се воведе нов начин на усогласување на пензијата, бее главна тема на денешната средба.
„Растот на пензиите преку воведувањето на новата методологија за усогласување на пензиите е меѓу првите мерки кои ги реализиравме во првите 100 дена од мандатот на оваа Влада,“ рече Тренчевска.
Министерката ги информираше пензионерите дека според направените анализи, добиени од Министерството за финансии, усогласувањето согласно измените на законот ќе придонесе кон раст на пензиите за најмалку 6%.
Ако просечната пензија изнесува во моментов 16.300 денари со ова усогласување пензијата би се зголемила за околу 1000 денари. Овој износ може да биде поголем или помал во зависност од официјалните податоци на Државниот завод за статистика (ДЗС) согласно кои ќе се изврши усогласување на пензиите.
Таа се осврна и на финансиска поддршка за пензионерите од 1000 денари за три месеци, со цел да се ублажуват последиците од економско- енергетската криза и ценовниот шок предизвикан од воената агресија на Русија врз Украина и последиците од неа.
330.000 пензионери веќе добија финансиска поддршка за два месеци, а со следната исплата ќе ја добијат и останатата помош.
„Како Влада цврсто стоиме зад нашите ветувања. Ветивме минимална плата, денес минималната плата е реалност. Застанавме зад ставот дека пензиите треба да растат и воспоставивме нова методологија за раст на пензиите. Носиме решенија на долг рок,“ порача Тренчевска.