Тренчевска: СДСМ го поддржува „Безбеден град“, но инсистира на заштита на личните податоци и европскиот пат

„Социјалдемократскиот сојуз не беше против проектот Безбеден град, туку против неприфаќањето на амандманите што ги поднесовме, особено во делот на безбедноста и чувањето на податоците“, истакна Тренчевска.

од desk4
14 прегледи

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска во вечерашното гостување во емисијата „Само вистина“ на Канал 5 телевизија, изјави дека Социјалдемократскиот сојуз ја поддржува зголемената безбедност во сообраќајот што ја носи проектот „Безбеден град“, но предупреди дека неприфаќањето на амандманите за заштита на личните податоци отвора сериозни дилеми.

„Социјалдемократскиот сојуз не беше против проектот Безбеден град, туку против неприфаќањето на амандманите што ги поднесовме, особено во делот на безбедноста и чувањето на податоците“, истакна Тренчевска.

Таа нагласи дека СДСМ принципиелно ја поддржува секоја мерка што придонесува за поголема безбедност на граѓаните.
„Апсолутно сме за поголема безбедност во сообраќајот што ја овозможува Сејф сити. Се гледа дека беснеењето на автомобилите е намалено и дека има гаранција за поголема безбедност“, рече таа, додавајќи дека тоа го чувствува и лично како честа учесничка во сообраќајот.

Во однос на спорните амандмани, Тренчевска објасни дека целта била јасно и строго да се регулира пристапот до податоците.
„Нашиот амандман беше податоците да се бришат по 24 или 48 часа и само со барање од обвинителство да можат да се користат во случај на кривично дело“, нагласи таа, потенцирајќи дека ваквиот предлог не бил прифатен од власта.

Според неа, резервираноста на СДСМ произлегува од претходни негативни искуства.
„Поучени од минатото, мора да ставиме сериозна резерва кога станува збор за личните податоци на граѓаните и можната злоупотреба“, рече Тренчевска.

Таа појасни и дека СДСМ, и покрај неприменетите амандмани, го поддржале Кривичниот законик.
„Кривичниот законик го поддржавме затоа што содржеше одредби за родово базирано насилство и усогласување со Истанбулската конвенција, за граѓаните да не бидат погрешно информирани“, изјави таа.

Осврнувајќи се на прашањето за толеранцијата кај сообраќајните прекршоци, Тренчевска нагласи дека ставовите на СДСМ се во согласност со европската пракса.
„Направивме анализа како е во другите земји и речиси секаде има одредена толеранција над дозволеното, за да не се казнуваат граѓаните неправедно“, рече таа.

Во делот за превозниците и европските регулативи, Тренчевска беше децидна дека проблемот е политички.
„Доколку власта не го закочеше евроинтегративниот процес, немаше да дојдеме во ситуација превозниците да штрајкуваат и да трпат огромни загуби“, изјави таа.

Таа додаде дека СДСМ постојано повикува на јасна европска ориентација.
„Како опозиција постојано повикуваме власта да реши дали навистина сака Македонија да биде дел од Европската Унија и да го забрза тој процес“, нагласи Тренчевска.

На крајот, таа оцени дека по две години власт, граѓаните не гледаат резултати.
„Народот ни кажа, ние сме опозиција. Вам ви дадоа мандат да ја исправите државата, а вие тоа не го правите“, порача Тренчевска, додавајќи дека наместо работа во интерес на граѓаните, актуелната власт постојано се навраќа на минатото.