Потпретседателката на СДСМ, Јованка Тренчевска гледа со задршка на Законот за прекршоци кој што е важен за да профункционира проектот „Безбеден град“.
-Надзорот над целиот систем го нема во законот и тоа е едно прашање за кое мора да се разговара. Се плашиме од злоупотреба. Затоа мора да има механизам за надзор и контрола. Вака како што е поставен системот, не знаеме кој го контролира и не знаеме дали ќе има злоупотреби, а поучени од владеењето и практицирањето на власта на ВМРО-ДПМНЕ, навистина имаме сомнеж. Кој го храни софтверот и компјутерот? Човечки фактор, на крајот на денот. Се плашиме од секаков вид на злоупотреби, рече Тренчевска во емисијата „360 степени“.
Тренчевска тврди дека како проект, СДСМ го поддржува, нагласувајќи дека време е да се прекине со бројот на жртви од сообраќајни несреќи. Но, според неа, ќе разговараат во партијата за конечен став околу евентуално гласање на Законот за прекршоци.
Системот „Безбеден град“, според најавите на надлежните официјално треба да почне да функционира од 1 февруари.