Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска оствари средба со претставници на Светска Банка, на која беа присутни Зоран Анушиќ, виш специјалист за социјална заштита од Светска Банка и Цвета Петрушевска-Јончевска, аналитичар од Канцеларијата на Светска Банка во Скопје, како и претставници на Проектната единица во Скопје.
На средбата беа сумирани резултатите од „Проектот за администрирање на социјалното осигурување”, кој што се спроведува со поддршка на Светска Банка, како и идните чекори за преостанатиот период до завршување на проектот, декември 2024 година.
Министерката Тренчевска изрази задоволство од досегашната соработка со претставниците на Светска Банка, нивната експертска поддршка и прогресот на Проектот во кој се предвидени сериозни реформски активности кои ќе резултираат со значајни промени во поставените системи во областа на евиденцијата на социјалното осигурување, проценката на попреченоста, вработување на лицата со попреченост и работните места класифицирани како опасни занимања со бенефициран стаж.
„Задоволни сме од реализацијата на Проектот за администрирање на социјалното осигурување и свесни за неговото значење во спроведувањето на реформите во неколку клучни сегменти. Владата на Република Северна Македонија во целост ја поддржува натамошната реализација на проектот и е посветена на интензивирање на активностите и соработката со банката” истакна министерката Тренчевска.
Претставниците на Светска Банка изразија големо задоволство од одличната соработка, посветеноста на вклучените лица од Проектната единица и Министерството за труд и социјална политика и притоа ја истакнаа отвореноста за понатамошна соработка и имплементација на активностите во рамките на проектот.