Тренчевска: УПОЗ си пукаше во нога со потпишаниот договор

„Дали тоа е во ред за УПОЗ и за КСС, наместо да побарат изедначување на платите на административците веднаш и сега, тие се задоволија со формулата до 2028“, прашува потпретседателката на СДСМ

од Nikola Popovski
61 прегледи Фото: СДСМ

Поранешната министерка за труд и социјална политика и актуелна потпретседателка, Јованка Тренчевска го коментираше постигнувањето на договоро меѓу синдикатите и Владата за платите на административните службеници. Таа го критикуваше Синдикатот на УПОЗ при ССМ.

„Договор за повисоки плати на административците! За околу 11000 вклучувајќи ја и судската и обвинителската служба. Прашањето кое си го поставувам е оние административци кои имат претходно склучено колективен договор на ниво на работодавач за 30% поголема плата (веднаш не до 2028) се некоја посебна сорта? Се наши, а не се нивни? Дали тоа е во ред за УПОЗ и за КСС, наместо да побарат изедначување на платите на административците веднаш и сега, тие се задоволија со формулата до 2028? Повторно има разноликост во платите за административците на исто ниво! Ама очигледно синдикатите се задоволни со дај што ќе дадеш? А не со вистинска грижа за своето членство“, посочи Тренчевска.

Според неа, за УПОЗ кои, како што вели, беа најгласни во барањата за потпишување на Општиот колективен договор во 2023 година, овој договор што денес го постигнаа е пукање во сопствената нога.

-Недоследност, негрижа, лицемерие или можеби притисок? Времето ќе покаже, додаде Тренчевска.

Владата со УПОЗ при ССМ и САДУ при КСС постигна договор за зголемување на платите на административците за 40 проценти, етапно во следните три години. Над 95 насто од членовите на репрезентативните синдикати од администрацијата и правосудството се согласиле со предлогот. Исплатата ќе започне од март откако ќе потпишат поединечни колективни договори. Синдикалците и власта ова го оценија како историски чекор.

11.000 вработените во администрацијата, судовите и обвинителствата ќе добијат зголемување на платите. Проценките се дека на годишно ниво ова ќе чини десетина милиони евра. Вакви договори веќе се потпишани за зголемување на платите во здравството, образованието, МВР, Центрите за социјални работи. Синдикатите и власта се договориле да го почнат дијалогот и за нов општ колективен договор.