Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска уверува дека работниците кои ќе работат на изградбата на Коридорите 8 и 10Д нема да имаат работно време од 72 часа неделно.
-Треба да бидете реални дека ниту во Законот не пишува дека ќе се работи 72 часа. Работното време е 40 часа со дополнително 8 часа во неделата. За стратешки приоритети се дозволува во текот на периодот кога овозможуваат временските услови да се работи над овие 48 часа, но во законот не пишува никаде 72 часа. Треба да бидеме објективни кога зборуваме за работното време на Коридорите. Законот предвидува да се почитува обврската од 12 часа работникот да одмора и 24 часа неделен одмор, рече Тренчевска во изјава за медиумите.
Според неа, синдикатите се должни да ги бранат работничките права, но треба да прифатат дека измените на Законот за работни односи за Коридорите не овозможуваат 72 часа работна недела и тоа се однесува на исклучиви проекти кои се стратешки важни и не се однесува на сите работници.
-Безбедноста и здравјето на работниците ќе биде гарантирано за секој еден кој ќе работи на Бехтел и Енка, истакна Тренчевска.