Екс-министерката за труд и социјала, а сегашна пратеничка, Јованка Тренчевска посочува дека вените на производите по маркетите не се намалени. Според неа, на ваквата ситуација реагираа и граѓаните, освен еден вид леб, чија цена е намалена за 1 денар, на останатите производи нема намалување.
Тврди дека додека во Србија и Црна Гора, се намалија цените на 700 производи, кај нас се намалуваат маржи на едвај 70 производи.
Тренчевска ја обвинува актуелната власт дека „наместо намалени цени имаме зголемени цени на храна за 717 денари“. Пратеничката тврди дека ова е „уште една потврда дека мерките на владата на Мицкоски се задоцнети и немаат ефект“.
-Во изминатите години имавме постојан раст на платите, тргнувајќи од минималната плата и просечната плата. Во изминатите години, СДСМ ги покачи, минималната плата од 8.000 на 22.500 денари, а просечната од 20.000 на 41.939 денари. Сега наместо покачување, за еден месец, откако ДПМНЕ е на власт, имаме пад на просечната плата за илјада денари, додаде Тренчевска во дебатната емисија „Отворено“ на 24 телевизија.
Граѓаните велат, секое намалување на цените е добредојдено, но само ако се почитува мерката. Засега не гледаат големо поевтинување на основните прехранбени продукти.
Од ССМ велат дека трговците во овој период, пред стапувањето на одлуката за маржите во сила, ги зголемиле цените. Минималната синдикална кошничка изнесува 61.306 денари.
Секое непочитување на мерката ќе се санкционира, вели премиерот Мицкоски.
За да има долгорочно решение, треба да се зголеми и заштити домашното производство и да се намали увоз, велат бизнисмените.
За разлика од претходниот, овој пат власта реши да оди со ограничени маржи, а не со замрзнати цени.