Пратеничката од СДСМ, Јованка Тренчевска упати силни критики кон нејзиниот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, кој изјавил дека „се рушел правниот поредок со предлог законот за настраданите од Кочани“. Тренчевска потенцира дека пратеникот говори небулози.
-Абе преслушај се уште еднаш, верувам ќе се засрамиш од вакви изјави! Која бедотија! Законски решенија за вакви трагедии секаде во свет има. И затоа е законодавството! Во случај на вакви трагедии да може да се интервенира. Да се забрзат постапките и да се излезе во пресрет на потребите на сите кои се соочиле со ваква трагедија. И да се потсетиме, кај нас има закон за бранителите кој дава одредени поволности на бранителите и нивните семејства. И не го сруши правниот поредок! Ама ДПМНЕ заборават бргу. И сега сите до еден од ДПМНЕ ќе ја вегрлат ова мантра како вечерва Лефков. Без срам и без чувство на одговорност! Ништо не научија од трагедијата во Кочани, со која како власт не можат да се соочат, ниту да помогнат на градот Кочани и на семејствата кои барат одговори на многу прашања. Само да се манипулира и навредува! Дното одамна е пробиено, стои во објавата на Тренчевска.
Лефков вчера го критикуваше предлог-законот, наведувајќи дека со него се нормализира корупција и се создава „перверзен преседан“.
„Жртвите се резултат на кривично дело и системска корупција која ја оставивте вие. Законот треба да биде усогласен со Уставот и постоечките правни норми. Овој закон, кој го предлагаат Оливер, Венко и останатите од СДСМ, претставува обид за политичко пентирање“, изјави Лефков во дебатна емисија.
Блиски на жртвите од несреќата во Кочани, во саботата повторно го одеа „Маршот за ангелите“. На два месеци од трагедијата и оваа сабота силно одекна молкот во Кочани. Без јавни обраќања, со пишани пораки ги потсетија надлежните дека очекуваат правда и строги санкции за сите кои придонеле да се случи трагедијата. Изразија разочараност од пратениците, посебно од третата изборна единица. Во Кочани владее тага, но и загриженост на граѓаните за квалитетот на лекувањето на повредените кои се вратија од странство.