Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска беше дел од воведните излагања на регионалната Конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија за жени и девојчиња” каде домаќин е Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на Претседателот на Република Северна Македонија, во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Тренчевска на почетокот од своето обраќање се заблагодари за честа да ја отвори конференцијата истакнувајќи дека само со заедничка работа и долгогодишно искуство може да се постигне успех.
„Поголем мотив за учество на оваа конференција ми дава тоа што токму ова прашање е обликувано по теркот на успехот на имплементацијата на родовата еднаквост во нашата држава. Не се работи за тоа дека ова е мојата омилена тема за дискусија и не се работи за тоа дека мојата долгогодишна посветена работа и експертиза може да придонесе кон решавање на предизвиците со кои се соочуваат жените. Туку се работи за текот на борбата, која води еден чекор напред и потоа нѐ тера да ги преиспитаме, зацврстиме и повториме сите претходни чекори, за да бидеме сигурни дека патот кој го трасираме не е само една убава слика пред граѓаните, туку бенефит за секој од нив“, рече Тренчевска.
Во своето излагање министерката го искажа своето уверување дека државата предводена од луѓе чии темели на работа се солидарноста, праведноста и еднаквоста можат да ги гарантираат правата на жената.
„Оваа Влада чии темели на работа се еднаквоста, праведноста и солидарноста еден од првите чекори кои ги направи беше промената на Законот за прекин на бременоста. Овозможувајќи и го правото на жената да одлучува за своето тело. Жал ми е што вакво основно човеково право треба да го наведеме како успех, жал ми е што е потребна законска измена за да и гарантираме на една жена дека има право и дека заслужува да одлучи за себе. Меѓутоа со раководство кое препознава и работи на измени кои гарантираат слободно живеење во сопствената држава не се плашам за прашањето за имплементирање на еднаквите можности и на жените и на мажите“, истакна Тренчевска.
Таа рече дека Министерството за труд и социјална политика останува да биде расадник за идејата за еднакви можности и истакна дека ѝ претставува чест што е дел од првата борбена линија во Владата раководена од луѓе кои поддржуваат еднаквост и недискриминација со што се гарантира сигурноста на секој еден за избор за сопственото тело и за посебноста на начинот на живот.