Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска попладнево се сретна со претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Дарко Димовски. Тема на денешната средба, која се оствари на покана на министерката Тренчевска, беше разговорот за владиното ветување за покачување на минималната плата. Министерката посочи дека Владата останува посветена на заложбата за зголемување на минималната плата.
Таа информираше дека социјалниот дијалог со сите засегнати страни во општеството, претставници на работодавачите и работниците продолжува. Целта е изнаоѓање на најодржливо решение за сите отворени прашања.
„Заложбата на Владата е зголемување на минималната плата на 18.000 денари што е можно побрзо во текот на оваа година. Порастот на минималната плата ќе продолжи во текот на целиот мандат и до крајот ќе изнесува 20.000 денари. Ние како Влада и како министерство постојано работиме на унапредување на работничкиот статус. Го цениме трудот на работниците особено во услови на светска економска и здравствена криза и токму затоа согледувајќи ја економската состојбата на граѓаните, покачувањето на минималната плата е и повеќе од потребно. Затоа мора да има такво покачување, особено ако се знае дека тие предизвикуваат и спирално зголемување на сите плати и во приватниот и во јавниот сектор“, рече Тренчевска.
На средбата стана збор и за правото на регрес за годишен одмор – К15 за работниците при што беше истакната целта на Владата, тие да имаат исти права. Тренчевска посочи дека Владата е отворена и подготвена на дијалог преку кој ќе се дојде до најсоодветното решение.
Министерката истакна дека закажаната средба со владините претставници и Сојузот на синдикати е одложена поради физичкото отсуство на владините функционери, заради одржување на меѓувладина седница во Софија, Р.Бугарија. Како и дека средбата е предвидена да се одржи на 31 јануари.