Во рамки на кампањата „Гласна и храбра“ на Министерството за труд и социјална политика, денеска се одржа панел дискусија насловена „Дискриминација сокриена во екранот- еднаква плата и вознемирување на жени од ИТ сектор”, на која зборуваа министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерскo инженерство, проф. д-р Боро Јакимовски, комуникологот Бојан Кордалов и Деспина Жупан, сопственичка на маркетинг компанија. Младите студенти и вработени во ИТ секторот, имаа можност да ја следат панел дискусијата и онлајн на социјалните мрежи.
„На прв поглед, изгледа дека вработените во ИТ секторот се привилегирани, но реалноста е дека како и останатите вработени во други дејности и тие не се поштедени од дискриминација, од насилство во овој случај т.н сајбер насилство, социјална исклученост како дел од негативностите на оваа професија, и сето ова влијае на менталното здравје на овие лица,” потенцираше министерката Тренчевска.
Таа посочи дека, дека во време кога е особено развиена технологијата и информациите брзо се шират сведоци сме на злоупотреба на интернетот и дигиталните технологии за комуникација, за насилство врз жените, говор на омраза, сексизам, злоупотреба на фотографии и видеа и нивно фалсификување.
„Сведоци сме и кај нас преку социјалните мрежи колку често се шири говорот на омраза и сексизмот кон жените и девојките. Жените и девојките се цел на навреди а нивните слики и видеа се подложени на понижувачки сексуални дејствија без согласност. Токму затоа наша заедничка обврска е да се бориме против ваквото кршење на човековите права на жените,” истакна Тренчевска.
Деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерскo инженерство, проф. д-р Боро Јакимовски, зборуваше за родовата застапеност на студентите кои се запишуваат на студии на факултетот , како и бројот на оние кои успешно ги завршуваат. Во таа насока тој информираше дека, процентот на запишани девојчиња на прв циклус студии од 20% пред околу 11 години, е во постојан пораст, а денес е околу 35%.
Додека на втор циклус на студии овој процент е над 40 %. Бројот на дипломирани девојки е околу 45% во прв циклус на студии. Ова докажува дека Факултетот на пазарот на труд произведува кадар по рамноправна основа. Тој посочи дека, она што е клучно се вештините и не се гледа на родовата припадност. Како и дека, во рамки на факултет има рамноправност во наставниот кадар и не се чувствува родова не еднаквост.
„Дискриминацијата е генерален проблем во општеството особено во родовата еднаквост. Проблемот е што треба да создаваме базични услови, комуникација и третирање на ваквите проблеми. Треба многу говорење. Недостасува пример кој треба да го даваат политичарите и политичарките, екпертите и експертките, партиите, институциите. Не можеме да сфатиме дека родово сензитивниот говор е нешто што треба да го практикуваме. Но примерот да почне од почеток. Ако сите имаат еднаква шанса добиваме сите. ИТ секторот уште пред 10 години ја препознава работата од далечина, каде жени и мажи можат да го најдат своето место, ” Бојан Кардалов.
Деспина Жупан, сопственичка на маркетинг компанија го раскажа своето позитивно лично искуство, во секојдневната работа, при што посочи дека не се соочила со дискриминација по основа на род.
Таа упати охрабрување до сите млади лица, со акцент на девојките и жените, да започнат свој бизнис, затоа што вештините и знаењето се тие кои се клучни за напредок. Секако, посочи таа дека за успех треба многу труд, кој мора да биде препознаен, а резултатите ќе го потврдат тоа.