Трендафилов: 154.408 работници имаат плата под 30.000 денари и имаат огромна причина да протестираат за зголемување на минималецот

„Една третина од работниците во Македонија живеат со примања под прагот на сиромаштија, односно работат, а се сиромашни“, порача првиот синдикалец пред големиот работнички протест закажан за 14-ти март

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов потенцира дека 154.408 работници имаат плата под 30.000 денари и имаат огромна причина да протестираат за зголемување на минималната плата. Според податоците од Управата за јавни приходи во Македонија бројот работници кои примаат плата изнесува 503.031. Трендафилов посочува дека прагот на сиромаштија во Македонија изнесува 31.200 денари, а една третина од работниците во Македонија живеат со примања под прагот на сиромаштија, односно работат, а се сиромашни.

„Борбата на Сојузот на синдикатите на Македонија за зголемување на минималната плата значи директно зголемување на платите на овие 154.408 работници кои имаат огромна причина да се борат за зголемување на нивната плата и да излезат на протест.

Ги повикуваме сите работници, нивните најблиски, ги повикуваме и овие 154.408 работници да се придружат на протестот кој ќе започне на 14 март, во 12.05 ч, од пред Работничкиот дом во Скопје и кој ќе продолжи пред Собранието, Стопанската комора и Владата.

ССМ излегува да се бори за зголемување на работничките плати, а работниците треба да излезат да се борат за својата плата затоа што зголемувањето на минималната плата значи зголемување на сите останати плати“, порача првиот синдикалец во државата.

Претходно ССМ го најави следниот големиот Работнички протест за зголемување на минималната плата и за зголемување на останатите работничките плати кој ќе се одржи на 14-ти март.

Минималната плата законски се усогласува за 1.667 денари и ќе изнесува нешто над 26.000 денари. Работниците повисоките мартовски примања ќе ги добијат во април. ССМ остана на ставот за минималец од 600 евра, незадоволни од тоа што предлогот не помина, синдикалците ја напуштија седницата на ЕЕС и најавија нови протести. Работодавачите останаа на нивните позиции.