Трендафилов до газдите: Што ќе ги загрижи повеќе – барањето за зголемување на платите или 24 часа генерален штрајк во Македонија за кој ќе бидат самите виновни?

„Истите тие газди бараа да се увезуваат работници, сега кукаат дека ни тие (увезените) не останувале повеќе од два до три месеци, па нормално дека нема да остануваат за таква мизерна плата“, порача Трендафилов

од Nikola Popovski
48 прегледи Фото: Принтскрин

„Газди кои 30+ години се активни чинители во државата, кукаат како нема работна сила, како без поддршка од државата не можело да се зголемуваат плати, бесрамно лажат дека немаат профит, бесрамно лажат дека ако се зголемеле платите ќе се затвореле компаниите, но и бесрамно кукаат дека нема работниците, кукаат истите тие кои ги избркаа работниците во изминатите 30 години, кукаат и не се срамат“, објави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.

Истите тие газди, додава Трендафилов, бараа да се увезуваат работници, „сега кукаат дека ни тие (увезените) не останувале повеќе од два до три месеци, па нормално дека нема да остануваат за таква мизерна плата“. Првиот синдикалец во државата истакнува дека газдите лажат кога зборуваат дека не се продуктивни работниците затоа што нето добивките по вработен според податоците од НБРМ во македонските компании во 2024 година бележат значителен раст во однос на 2023 година.

Трендафилов сподели пресметка по сектори, колку компаниите имаат профит од само еден вработен.

Според претседателот на ССМ, овие бројки од Централниот регистар покажуваат дека со секое зголемување на минималната плата бројот на затворени фирми опаѓа, а бројот на новоосновани фирми расте, тогаш паѓаат во вода сите изговори дека нема простор за зголемување на минималната плата.

-Нив (газдите) не ги загрижува тоа што од јануари 2026 година ќе има уште помалку работници, затоа што за попристојна плата нема да треба да се оди далеку, туку со лична карта преку граница, тука, во соседството, на неполни 100 км, каде што ќе има работа за 550 евра минимална плата во Србија, за повеќе од 500 евра минимална плата во Албанија. Но ги загрижува што барањето за зголемување на платите било само желботека.

Се прашувам што ќе ги загрижи повеќе, барањето за зголемување на платите или 24 часа генерален штрајк во Македонија за кој ќе бидат самите виновни, прашува Трендафилов.

Слични содржини