„Нема веќе како досега, сега ќе биде различно. Различно е затоа што се почитуваат законите и колективните договори, и ние како КСС ќе го почитуваме законот“, изјави во дебатна емисија претседателот на КСС, Благоја Ралповски, во врска со минималната плата, за која од Сојузот на синдикати имаат барање да се зголеми линеарно за 6.000 денари.
Претседателот на КСС, за време на дебатната емисија, во повеќе наврати го обвинуваше првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, дека е избран на таа функција под политичко влијание и одлука од страна на претходната власт. Ралповски, исто така, упати критика кон ССМ дека во периодот од 2019 година не ги поддржале барањата на Конфедерацијата на синдикати, поради што првиот човек на КСС читаше дописи од поранешни министри за труд и социјална политика.
„Нема веќе како досега, нема повеќе така, сега ќе биде различно, ќе се почитуваат законите и колективните договори. Ние ќе ги почитуваме колективните договори. Прво, за Економско-социјалниот совет доста се манипулира со јавноста – потребно е само мислење. И ти, Слободан, самиот знаеш дека од 2017 до 2019 година, кога КСС ја имаше репрезентативноста, ние ги напуштавме седниците затоа што не сакаа да ги усогласуваат платите и сакаа само до одреден степен да ги почитуваат законите. Во членот 8 не сакаа ни да погледнат, а вие молчевте како риби пет-шест години“, изјави Ралповски.
Првиот човек на ССМ, Трендафилов, од друга страна обвини дека се врши притисок врз работниците со партиска директива да го напуштаат ССМ и да се зачленуваат во КСС, обвинувајќи го првиот човек на КСС дека испраќале писма со заканувачка содржина до директорите и раководителите, предупредувајќи ги дека ќе сносат одговорност доколку вработените не го напуштат ССМ и не се приклучат на КСС.
„Со СМС-пораки и закани до работниците кои не сакаат да ви се приклучат, затоа што ништо не сте направиле за нив. Кога видоа дека ниту една акција не сте спровеле за нив и дека работниците не ве препознаваат, со партиска директива праќавте писма со заканувачки пораки до директорите дека тие ќе сносат одговорност доколку не им префрлаат членарина – во училиштата, во пошта. Има 150 членови кои протестираа против директорка затоа што им вршела притисок да се префрлат во КСС“, изјави Трендафилов.
Првиот човек на КСС потенцираше дека, согласно сегашниот закон, платите ќе пораснат и ќе достигнат околу 1.000 евра до 2028/2029 година. На ова следеше одговор од првиот човек на ССМ, кој нагласи дека се потребни брзи и итни мерки, бидејќи, според него, во моментов работниците се соочуваат со егзистенцијални прашања и предизвици, нагласувајќи дека ССМ не се откажува од барањето за покачување на минималната плата за 6000 денари пресметани согласно потребите на едно семејство.