Трендафилов: Голем дел пратеници станале рано за да дојдат во Собрание пред девет часот

-Се надевам дека Владата нема да избега како што кукавички избегаа пратениците денеска кои многу рано станале, можеби и за првпат во пратеничката кариера, рече претседателот на ССМ

од Nikola Popovski
73 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Инфомакс

На денешната блокада на Собранието, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов им посака добро утро на сите, освен на пратениците кои, како што вели, две години го блокираат предлогот за зголемување на сите плати. Кажа дека блокадата е за да не можат пратениците да дојдат со сопствените возила во зградата на Парламентот.

-Моите информации се дека голем дел на пратеници станале рано утринава за да дојдат пред 9 часот на работа, за да не се соочат со работниците на улица. Се срамат од своите гласачи затоа што одбиваат да ја зголемат работничката плата, а од друга страна, пратеничката плата, според последните најави, ќе се зголеми, не само за 9,2% како што пресмета гувернерот на Народната банка дека се зголемува просечната плата во 2025 година, туку и за 12,6% затоа што голема веројатноста е Уставниот суд да ја укине одредбата на Владата од претходната влада. Да биде срамот поголем, тие се подготвени нивните коефициенти да ги намалат за 9%, само за да не ги зголемат платите на работниците, рече Трендафилов пред едниот влез на Собранието на булеварот „11 Октомври“.

Првиот синдикалец бара уште на денешната собраниска седница да се предложи зголемување на минималецот на 600 евра и зголемување на сите останати плати за најмалку 6000 денари.

-Се надевам дека Владата нема да избега како што кукавички избегаа пратениците денеска кои многу рано станале, можеби и за првпат во пратеничката кариера. Денеска не смеат да наплатат платни трошоци. Ќе се обратиме и до претседателот на Собранието да видиме кој е тој алчен пратеник кој што ќе наплати 100, 150 или 200 евра затоа што доаѓа на работа, додаде Трендафилов.

ССМ продолжува со блокада и на работодавачите в четврток, а следната недела и на Владата, се до исполнување на нивните барања. Не ја исклучуваат можноста протестите да станат секојдневие на улиците.